Езекиел 21:1-31
Езекиел 21:1-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И дојде слово Господово до мене: „Сине човечки, сврти го лицето свое кон југ и кажи збор против југ и искажи пророштво врз гората во полето Негев. И кажи ѝ на гората во Негев: чуј го словото Господово – така вели Господ Бог: Еве Јас ќе запалам во тебе оган и тој ќе го проголта секое зелено дрво и секое суво дрво во тебе; и нема да угасне разбаботениот пламен, и тој ќе изгори сѐ од југ до север.“ И секое тело ќе види дека Јас, Господ Бог, го запалив и тој нема да угасне. А Јас реков: „О, Господи Боже, тие велат за мене: – не зборува ли приказни?“ И дојде слово Господово до мене: „Сине човечки, сврти го лицето свое кон Ерусалим и кажи слово против светилиштата, изречи пророштво против земјата израелска. И кажи ѝ на земјата израелска – вака вели Господ Бог: еве, Јас сум против тебе, и ќе го извадам Мојот меч од ножницата негова и ќе истребам кај тебе праведник и грешник. А за да истребам кај тебе праведник и грешник, Мојот меч ќе излезе од ножницата своја против секое тело од југ до север. И секое тело ќе разбере дека Јас, Господ, сум го извлекол Мојот меч од ножницата негова, и тој нема веќе да се врати. А ти, сине човечки, плачи како да ти се бедрата прекршени и офкај пред очите нивни. А кога ќе те прашаат: ‚зошто офкаш‘, кажи: ‚поради гласот што доаѓа‘, – од кој ќе замре секое срце и сите раце ќе малаксаат, и секој дух ќе се нажали, и сите колена ќе затреперат како вода. Ете, тоа ќе дојде и ќе се случи“, вели Господ Бог. И дојде слово Господово до мене: „Сине човечки, изречи пророштво и кажи – вака вели Господ Бог: кажи – меч, мечот е наострен и светнат. Наострен за да коле повеќе; светнат за да болска како светкавица. Да се радуваме ли дека жезолот на Мојот син го презира секое дрво? Наредив да го светнат, за да го земам в рака; веќе е наострен тој меч и светнат, за да го дадам во раката на убиецот. Стенкај и плачи, сине човечки, за тоа што е тој против Мојот народ, против сите кнезови израелски: сите тие ќе бидат со Мојот народ предадени на меч – затоа удирај се по бедрата. Бидејќи тој е веќе испробан. Па што, ако тој го презира и жезолот? Тој нема да устои“, вели Господ Бог. А ти, сине човечки, пророкувај и плескај со рацете – и мечот ќе се удвои и ќе се утрои, мечот за поразените, мечот за пораз на големиот меч, кој проникнува во внатрешноста на нивните живеалишта. За да се стопат срцата и за да бидат паднати повеќе, Јас пред сите нивни порти ќе поставам страшен меч, кој ќе болска како светкавица, наострен за клање. Приготви се, мечу, и нападни и десно и лево и онаму каде што ќе ти се сврти сечилото. А Јас ќе ракоплескам и ќе го стивнам гневот Свој; Јас, Господ, го кажав тоа. И дојде слово Господово до мене: „А ти, сине човечки, размисли за две патеки по кои треба да мине мечот на царот вавилонски – и двете патеки треба да излезат од една земја, па нацртај рака, нацртај кај раскрсницата на патиштата за градовите. Претстави го патот, по кој треба да мине мечот во Рава на синовите Амонови и во Јудеја, во утврдениот град Ерусалим, зашто вавилонскиот цар застана на крстопатот, при почетокот на двете патеки за да претскажува: ги прегледува стрелите, ги прашува идолите, гледа на црн дроб. Во неговата десна рака претскажувањето е: ‚Во Ерусалим‘, каде што треба да постави убојни справи, да ја отвори устата за сечење, да го подигне гласот за боен повик, да ги дотера машините до портите, да насипе опкоп, да изгради опсадни кули. Тоа вражање ним ќе им се види лажно; но, бидејќи се беа заколнале со клетва, тој, ќе ги потсети на нивното вероломство, во кое тие се уловија.“ Затоа, вака вели Господ Бог: „Бидејќи вие самите го спомнувате вашето беззаконие, правејќи ги вашите престапи јавно и покажувајќи ги вашите гревови во делата свои, и самите го спомнувате тоа, затоа вие ќе бидете фатени од нив. А ти, недостоен, престапни водачу Израелов, тебе денес ти дојде денот, време на конечната казна.“ Така вели Господ Бог: „Симни ја од себе круната и извади го венецот, и веќе не ќе го имаш; понизеното ќе се издигне, а високото ќе се снизи.
Езекиел 21:1-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И ми дојде Господовото слово: “Човечки сине, сврти го лицето кон Ерусалим и произнеси беседа против неговото Светилиште, и пророкувај против Израелевата Земја. Речи ѝ на Израелевата Земја: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против тебе! Ќе го истргам мечот од ножницата, ќе ги истребам од тебе сите, и праведните и безбожните. За да ги истребам од тебе праведникот и безбожникот, еве ќе го извлечам мечот од ножницата против секое тело, од север до југ. И секое тело ќе сознае дека Јас, Господ, го истргав Својот меч од ножницата и дека никогаш веќе не ќе го вратам!“‘ А ти, човечки сине, воздивнувај како да ти се искршени сите ребра, воздивнувај горко, пред нивните очи! Ако ли те прашаат: ‘Што лелекаш толку?’ Речи им: ‘Заради веста што пристигна, од која ќе премрат сите срца и ќе се обесилат сите раце, секој дух ќе биде нерасположен и секое колено ќе трепери. Еве, доаѓа, веќе е тука!’ Така зборува Господ.“ И ми дојде Господово слово: “Човечки сине, пророкувај: ‘Вака зборува Господ Бог. Речи: ‘Меч! Меч! Наострен и светнат! Наострен за колеж, светнат за да светка. Светнат за да го прифати рака, наострен меч, светнат, за да се стави во раката на убиецот.’ А ти, човечки сине, плачи, тажи! Зашто еве, мечот е веќе извлечен против Мојот народ, меч против Израелевите кнезови: сите тие со Мојот народ му се предадени на мечот! Затоа удри се во слабините. Искушението дојде, и веќе не ќе има отфрлен жезал - говори Господ Бог. А ти човечки сине, пророкувај и плескај со рацете. Нека се удвои, нека се утрои, тој меч на колеж, меч на голем колеж што ги опкружува отсекаде. За да затреперат срцата, за да бидат неброени жртви, поставив меч на секоја врата, подготвен како молња да светка, наострен за колежи. Назад! Десно! Напред! Лево! И Јас ќе плескам со рацете, ќе го излеам Својот гнев врз нив Јас, Господ, реков!“ И ми дојде Господово слово: “Човечки сине, зацртај два пата каде да тргне мечот на вавилонскиот цар. Двата пата нека излегуваат од иста земја! На раскрсницата на патот кон градот остави патоказ. Зацртај му на мечот пат за да дојде во Рава Бе-Амон и во Јудеја, во утврдениот Ерусалим. Зашто вавилонскиот цар стои на почетокот на патот, на двата пата, и ги прашува знаците - ги меша волшебните стрели, ги распрашува идолите и гледа во црн дроб. Знаците во десницата му велат: на Ерусалим; за да намести таму ѕидокршачи, да нареди колеж, да подигне ѕидокршачи против вратите, да насипе насип и да изгради опсадни стражарници. Но ним ќе им се стори дека знакот е лажен, зашто му се заколнаа на верност. Но тогаш тој ќе ги потсети на нивното неверство во кое се фатија. Затоа, Господ Бог зборува вака: ‘Зашто непрекратно потсетувате на своите беззаконија, откривајќи ги опачините и покажувајќи ги гревовите во сите свои дела - да, зашто непрекратно потсетувате на нив, во нив ќе се фатите. А тебе, нечесен и безбожен Израелев водачу, тебе ти дојде денот и часот на последниот злостор.’ Господ Бог зборува вака: ‘Извади ја капата од главата и остави го царскиот венец! Зашто сѐ се менува: кој беше долу, ќе биде возвишен, а кој беше горе ќе биде понижен. урнатини, урнатини, ќе поставам урнатини какви што не биле, додека не дојде Оној Кој ќе суди, зашто Јас ќе Му Го предадам судот.’ Човечки сине, пророкувај: ‘Вака им зборува Господ Бог на Амоновите синови за нивниот срам.’ Речи: ‘Меч! Меч истрган и наострен за колеж, за да сече, за да светка како молња, а дотогаш тебе напразно ти привидуваат, ти пророкуваат лага - за да се стави под вратот на злогласните злосторници, на кои ете, им дојде денот и часот на последниот злочин! Но врати го мечот во ножницата! Во местото каде што си станал, во земјата во која што си се родил, Јас ќе ти судам. Таму ќе го излеам Својот гнев врз тебе и ќе го раздувам против тебе пламенот на Својата расрденост, и ќе те предадам во рацете на жестоки луѓе, вешти погубувачи.