ЕЗЕКИЕЛ 21
21
Ј. Пророштво за наострен меч
1. Меч извлечен од ножница
1И ми дојде Господовото слово: 2“Човечки сине, сврти го лицето кон Ерусалим и произнеси беседа против неговото Светилиште, и пророкувај против Израелевата Земја. 3Речи ѝ на Израелевата Земја: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против тебе! Ќе го истргам мечот од ножницата, ќе ги истребам од тебе сите, и праведните и безбожните. 4За да ги истребам од тебе праведникот и безбожникот, еве ќе го извлечам мечот од ножницата против секое тело, од север до југ. 5И секое тело ќе сознае дека Јас, Господ, го истргав Својот меч од ножницата и дека никогаш веќе не ќе го вратам!“‘ 6А ти, човечки сине, воздивнувај како да ти се искршени сите ребра, воздивнувај горко, пред нивните очи! 7Ако ли те прашаат: ‘Што лелекаш толку?’ Речи им: ‘Заради веста што пристигна, од која ќе премрат сите срца и ќе се обесилат сите раце, секој дух ќе биде нерасположен и секое колено ќе трепери. Еве, доаѓа, веќе е тука!’ Така зборува Господ.“
2. Наострен меч
8И ми дојде Господово слово: 9“Човечки сине, пророкувај: ‘Вака зборува Господ Бог. Речи: ‘Меч! Меч! Наострен и светнат! 10Наострен за колеж, светнат за да светка. 11Светнат за да го прифати рака, наострен меч, светнат, за да се стави во раката на убиецот.’
12А ти, човечки сине, плачи, тажи! Зашто еве, мечот е веќе извлечен против Мојот народ, меч против Израелевите кнезови: сите тие со Мојот народ му се предадени на мечот! Затоа удри се во слабините. 13Искушението дојде, и веќе не ќе има отфрлен жезал - говори Господ Бог. 14А ти човечки сине, пророкувај и плескај со рацете. Нека се удвои, нека се утрои, тој меч на колеж, меч на голем колеж што ги опкружува отсекаде. 15За да затреперат срцата, за да бидат неброени жртви, поставив меч на секоја врата, подготвен како молња да светка, наострен за колежи. 16Назад! Десно! Напред! Лево! 17И Јас ќе плескам со рацете, ќе го излеам Својот гнев врз нив Јас, Господ, реков!“
3. Меч во рака на вавилонски цар
18И ми дојде Господово слово: 19“Човечки сине, зацртај два пата каде да тргне мечот на вавилонскиот цар. Двата пата нека излегуваат од иста земја! На раскрсницата на патот кон градот остави патоказ. 20Зацртај му на мечот пат за да дојде во Рава Бе-Амон и во Јудеја, во утврдениот Ерусалим. 21Зашто вавилонскиот цар стои на почетокот на патот, на двата пата, и ги прашува знаците - ги меша волшебните стрели, ги распрашува идолите и гледа во црн дроб. 22Знаците во десницата му велат: на Ерусалим; за да намести таму ѕидокршачи, да нареди колеж, да подигне ѕидокршачи против вратите, да насипе насип и да изгради опсадни стражарници. 23Но ним ќе им се стори дека знакот е лажен, зашто му се заколнаа на верност. Но тогаш тој ќе ги потсети на нивното неверство во кое се фатија.
24Затоа, Господ Бог зборува вака: ‘Зашто непрекратно потсетувате на своите беззаконија, откривајќи ги опачините и покажувајќи ги гревовите во сите свои дела - да, зашто непрекратно потсетувате на нив, во нив ќе се фатите.
4. Казна на Израелев водач
25А тебе, нечесен и безбожен Израелев водачу, тебе ти дојде денот и часот на последниот злостор.’ 26Господ Бог зборува вака: ‘Извади ја капата од главата и остави го царскиот венец! Зашто сѐ се менува: кој беше долу, ќе биде возвишен, а кој беше горе ќе биде понижен. 27урнатини, урнатини, ќе поставам урнатини какви што не биле, додека не дојде Оној Кој ќе суди, зашто Јас ќе Му Го предадам судот.’
5. Пророштво за Амонови синови
28Човечки сине, пророкувај: ‘Вака им зборува Господ Бог на Амоновите синови за нивниот срам.’ Речи: ‘Меч! Меч истрган и наострен за колеж, за да сече, за да светка како молња, 29а дотогаш тебе напразно ти привидуваат, ти пророкуваат лага - за да се стави под вратот на злогласните злосторници, на кои ете, им дојде денот и часот на последниот злочин! 30Но врати го мечот во ножницата! Во местото каде што си станал, во земјата во која што си се родил, Јас ќе ти судам. 31Таму ќе го излеам Својот гнев врз тебе и ќе го раздувам против тебе пламенот на Својата расрденост, и ќе те предадам во рацете на жестоки луѓе, вешти погубувачи. 32И ќе му бидеш храна на огнот, а твојата крв ќе тече по земјата. И никој жив веќе не ќе те спомнува! Зашто Јас Господ, реков така.’“
Селектирано:
ЕЗЕКИЕЛ 21: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.