Колосјаните 4:1-9
Колосјаните 4:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Господари, постапувајте чесно и правично со своите робови. Не заборавајте дека и над вас има Господар на небото! Посветете се на молитва, будно и со благодарност. Молете се и за нас, Бог да ни отвори патишта, па Неговата порака да се шири и да се објаснува тајната за Христос. Токму заради тоа сега јас сум в затвор. Молете се пораката да ја објаснувам разбирливо, онака како што треба. Однесувајте се мудро спрема оние што не се христијани и користете ја секоја можност. Зборувајте љубезно, умесно и концизно; давајте му умешен одговор на секој што ќе ви постави прашање. Мојот драг пријател Тихик, кој верно работи со нас и Му служи на Господ, ќе ви раскаже се што ве интересира за мене. Го праќам токму заради тоа, да ви каже како сме и да ве охрабри. Со него ќе дојде и вашиот земјак Онисим, кој е наш верен и многу мил брат по вера. Тие ќе ви раскажат за се што се случува овде.
Колосјаните 4:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Вие, господари, бидете справедливи спрема слугите свои и давајте им го она што е правично, зашто знаете дека и вие имате Господар на небесата! Бидете постојани во молитвата, бидете бодри во неа со благодарност! Молете се исто така и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на проповедта да ја разгласуваме Христовата тајна, поради која сум и во окови, та да ја откријам, како што треба да зборувам! Спрема надворешните однесувајте се благоразумно, ползувајќи го времето! Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате! Што се однесува до мене, сѐ ќе ви соопшти Тихик, љубениот брат и верен служител и соработник во Господ, кого нарочно поради тоа го испратив кај вас за да разбере како сте и да ви ги утеши срцата ваши, заедно со Онисим, верниот и омилен наш брат, кој е од вас; тие ќе ви раскажат сѐ што станува овде.
Колосјаните 4:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Господари, правете им на робовите што е праведно и справедливо, знаејќи дека и вие имате Господар на небесата. Бидете постојани во молитвата, бдејте во неа со благодарност! Молете се уште и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на словото и за да ја навестиме тајната на Христа, заради која сум и во окови - и да ја откријам онака, како што треба да зборувам. Постапувајте мудро кон оние, надворешните, ползувајќи го времето. Вашето слово секогаш да е љубезно, зачинето со сол, за да знаете како треба да му одговорите секому. За мене ќе ви рече сѐ Тихик, возљубен брат и верен слуга и соработник во Господа, кого го испраќам при вас токму затоа, за да научите како сме ние и да ги утеши вашите срца, заедно со верниот и возљубен брат Онисим, кој е од вас. Тие ќе ви соопштат како е тука.