Колосјаните 2:1-8
Колосјаните 2:1-8 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Сакам да знаете низ колкава агонија минувам заради вас, заради христијаните во Лаодикеја и заради сите други христијани што досега не ме имаат ни сретнато. Целта ми е да ги охрабрам, сплотени во љубов целосно да ја разберат Божјата тајна, а тоа е Христос, за да сфатат какво богатство е човек да ја има таа сигурност. Во Христос се кријат сите ризници на Божјата мудрост и знаење! Ви го кажувам ова за да не дозволите никој да ве разубедува и да ве измами. Иако не сум меѓу вас, постојано ве имам во мислите. Мило ми е што гледам дека живеете уредно и дека вашата вера во Христос е цврста. Вие Го прифативте Исус Христос како свој Господ. Продолжете да живеете во послушност спрема Него. Пуштете корени во Него, од Него црпете, за да растете и да се зацврстувате во верата, онака како што ве учевме. Бидете Му бесконечно благодарни на Господ. Не дозволувајте никој да ве заведува со бесмислено филозофирање и со празни лаги, кои произлегуваат од чисто човечки обичаи, од овоземните принципи, а не од Христос
Колосјаните 2:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Сакам да знаете во каква голема борба сум заради вас и заради оние што се во Лаодикија и во Јерапол, и поради сите, кои не ме видоа лично. Нека се охрабрат срцата нивни та, соединети во љубов во секое богатство, со потполно разбирање, да ја познаат тајната на Бога и Отецот и на Христос, во Кого се скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето. А ова ви го велам за да не ве измами некој со лукави зборови; зашто, макар и да сум отсутен со телото, со духот сум при вас, радувајќи се и гледајќи го вашиот ред и цврстината на вашата вера во Христос. Поради тоа, како што Го примивте Господ Исус Христос, така и одете по Него, вкоренети и утврдени во Него и укрепени во верата, како што сте научени, изобилувајќи во неа со благодарност. Браќа, пазете некој да не ве заведе со филозофија и со празна измама што се потпира на човечкото предание, на стихиите на светот, а не по Христос
Колосјаните 2:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Имено, сакам да знаете колкава борба имам за вас, и за оние во Лаодикија, и за сите кои што не ме виделе лично, за да се утешат нивните срца и соединети во љубовта да дојдат до сето богатство на полната уверност на разбирањето, до познавањето на тајната на Бога, и на Христа, во Кого се сокриени сите богатства на мудроста и на знаењето. А ова го велам за да не ве измами некој со убедувачки зборови. Зашто, иако сум отсутен во телото, во духот сум со вас; и се радувам гледајќи ги вашиот ред и цврстината на вашата вера во Христа. И така, како што Го примивте Христа Исуса, Господа, така и да одете во Него: вкоренети и надѕидани во Него и зацврстени во верата, како што сте поучени, изобилувајќи во благодарноста. Пазете да не ве зароби некој со философија и со суетна измама по човечко предание, според стихиите на светот, а не според Христа.