Колосјаните 2:1-23
Колосјаните 2:1-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Сакам да знаете низ колкава агонија минувам заради вас, заради христијаните во Лаодикеја и заради сите други христијани што досега не ме имаат ни сретнато. Целта ми е да ги охрабрам, сплотени во љубов целосно да ја разберат Божјата тајна, а тоа е Христос, за да сфатат какво богатство е човек да ја има таа сигурност. Во Христос се кријат сите ризници на Божјата мудрост и знаење! Ви го кажувам ова за да не дозволите никој да ве разубедува и да ве измами. Иако не сум меѓу вас, постојано ве имам во мислите. Мило ми е што гледам дека живеете уредно и дека вашата вера во Христос е цврста. Вие Го прифативте Исус Христос како свој Господ. Продолжете да живеете во послушност спрема Него. Пуштете корени во Него, од Него црпете, за да растете и да се зацврстувате во верата, онака како што ве учевме. Бидете Му бесконечно благодарни на Господ. Не дозволувајте никој да ве заведува со бесмислено филозофирање и со празни лаги, кои произлегуваат од чисто човечки обичаи, од овоземните принципи, а не од Христос, зашто Бог во целост е присутен во Христос во облик на човечко тело, па и вие сте целосни личности, преку сојуз со Него. Тој е Господар над сите сили и власти. Преку духовно обрежување, Христос ја отстрани од вас вашата грешна природа, исто како што при телесното обрежување се отстранува едно делче од телото. Кога се крстивте, вие всушност се погребавте со Христос, а потоа воскреснавте, бидејќи верувавте во Божјата сила што Го воскресна Христос од мртвите. Вие бевте мртви поради гревовите во вас, зашто вашата грешна природа не беше отстранета од вас. Но Бог ве оживеа, заедно со Христос! Тој ни ги прости сите наши гревови. Бог ја избриша обврзницата со нашите долгови, според чии одредби ние бевме должници. Тој ја зеде и ја уништи, приковувајќи ја на Христовиот крст. Така Бог ги разоружа сите зли владетели и власти, и јавно ги посрамоти, поразувајќи ги со Христовата жртва на крстот. Затоа, не дозволувајте никој да ве обвинува за она што го јадете и пиете, за тоа дали ги славите празниците, дали ја славите Младата месечина и саботата. Тие нешта беа само сенка на она вистинското што требаше да дојде, а тоа е Христос. Не дозволувајте да ве тераат да се самопонижувате и да обожавате ангели, дури и ако тврдат дека за тоа добиле виденија. Тие луѓе се прават многу понизни, но нивните грешни умови се полни со суета и горделивост. Тие веќе не се поврзани со Христос, Кој е глава на телото. Тој му дава сила на телото, и преку неговите жили и лигаменти го држи цврсто обединето. Тоа духовно тело може да расте само ако се храни од Бог. Вие умревте со Христос и ослободени сте од начинот на кој живеат световните луѓе. Зошто тогаш дозволувате да ви наметнуваат вакви догми: „Тоа не смее да се фаќа!“, „Тоа не смее да се јаде!“, или „Тоа не смее ни да се допре!“? Тоа се само уредби и учења наметнати од луѓе, а се однесуваат на распадливи нешта, на работи што ги употребуваме. Иако на прв поглед се чини мудро да се придржувате до тие правила, бидејќи повикуваат на побожност, понизност и строгост спрема телото, со нив не можат да се победат грешните телесни страсти.
Колосјаните 2:1-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Сакам да знаете во каква голема борба сум заради вас и заради оние што се во Лаодикија и во Јерапол, и поради сите, кои не ме видоа лично. Нека се охрабрат срцата нивни та, соединети во љубов во секое богатство, со потполно разбирање, да ја познаат тајната на Бога и Отецот и на Христос, во Кого се скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето. А ова ви го велам за да не ве измами некој со лукави зборови; зашто, макар и да сум отсутен со телото, со духот сум при вас, радувајќи се и гледајќи го вашиот ред и цврстината на вашата вера во Христос. Поради тоа, како што Го примивте Господ Исус Христос, така и одете по Него, вкоренети и утврдени во Него и укрепени во верата, како што сте научени, изобилувајќи во неа со благодарност. Браќа, пазете некој да не ве заведе со филозофија и со празна измама што се потпира на човечкото предание, на стихиите на светот, а не по Христос; зашто во Него телесно живее сета полнота на Божеството, и вие да бидете исполнети во Него, Кој е глава на секое началство и власт; во Него сте и обрезани преку неракотворено обрезание, откако го соблековте гревовното тело на плотта преку обрезанието Христово; откако се погребавте со Него во крштавањето, во кое заедно со Него и воскреснавте преку вера во силата на Бога, Кој Го воскресна од мртвите. И вас, кои бевте мртви во гревовите и во необрезанието на вашето тело, Тој заедно со Него ве оживи, простувајќи ви ги сите гревови; извршувајќи го ракописаниот закон, кој со своите прописи стана наш непријател, кого Тој го зеде од средината и го прикова на крстот; и, откако ја зграби силата од началствата и властите, Тој ги изложи јавно на позор и славејќи ја во Себе победата над нив. Па така, никој нека не ве осудува за јадење или пиење, или за некој празник, или за млад месец или саботи; тоа е само сенка на она што доаѓа, а телото е Христос. Никој своеволно да не ве мами со смиреномудрост и служење на ангелите, впуштајќи се во она што не го видел, гордеејќи се залудо со својот телесен ум, и не се придружи кон Главата, од Која целото тело, поддржано преку зглобови и врски, расте со растење според Бога. И така, ако вие со Христос умревте за почетоците на светот, тогаш зошто се препирате, како уште да живеете во светот; „Не се фаќај, не вкусувај, не пипај!“ Сите тие се определени за распаѓање – кога се управуваат според човечките заповеди и учења. Тие само наликуваат на мудрост во своеволното богослужење, во лажните понизности и во нештедењето на телото, но тоа нема никаква вредност, освен што го заситуваат телото.
Колосјаните 2:1-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Имено, сакам да знаете колкава борба имам за вас, и за оние во Лаодикија, и за сите кои што не ме виделе лично, за да се утешат нивните срца и соединети во љубовта да дојдат до сето богатство на полната уверност на разбирањето, до познавањето на тајната на Бога, и на Христа, во Кого се сокриени сите богатства на мудроста и на знаењето. А ова го велам за да не ве измами некој со убедувачки зборови. Зашто, иако сум отсутен во телото, во духот сум со вас; и се радувам гледајќи ги вашиот ред и цврстината на вашата вера во Христа. И така, како што Го примивте Христа Исуса, Господа, така и да одете во Него: вкоренети и надѕидани во Него и зацврстени во верата, како што сте поучени, изобилувајќи во благодарноста. Пазете да не ве зароби некој со философија и со суетна измама по човечко предание, според стихиите на светот, а не според Христа. Зашто во Него живее сета полнота на Божеството, и вие сте исполнети во Него, Кој е Глава на секое началство и власт. Во Него сте и обрезани со неракотворно обрезание, со соблекување на гревовното тело, по обрезанието на Христа: откако бевте погребани со Него во крштение, во кое и воскреснавте со Него преку верата во дејството на Бога, Кој Го воскресна од мртвите. Вас, кои бевте мртви во престапите и необрезанието на вашето тело, ве оживе заедно со Него; простувајќи ни ги сите наши престапи; на тој начин што го избриша дејството, кое со своите одредби беше против нас; го отстрани од среде нас, приковувајќи го на крст; и ги разоружа началствата и властите и јавно ги изложи, победувајќи над нив во тоа. И така, никој да не ве осудува за јадење, или за пиење, или за некаков празник, или за млада месечина, или за саботи. Тоа е само сенка на она што ќе дојде, а стварноста е Христос. Никој да не ве лишува од наградата, сакајќи да го постигне тоа со понизност и служба на ангелите, впуштајќи се во она, што не го видел, дуејќи се напразно со својот телесен ум, а не се држи за Главата, од Која целото Тело, поврзано и помогнато со зглобовите и врските, расте со растење, кое го дава Бог. И така, ако сте умреле со Христос, за стихиите на светот, зошто позволувате да ви се определуваат прописи, како да живеете во светов: “Не фаќај! Не вкусувај! Не допирај!“ сѐ што пропаѓа со употреба - според човечките заповеди и учења; сѐ ова изгледа мудрост, што се состои во самоволна побожност и понизност и во непоштедна строгост кон телото, а не во нешто чесно, туку само заради задоволување на телото.