Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 8:14-24

Дела 8:14-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога слушнаа апостолите во Ерусалим дека народот во Самарија ја прифатил Божјата порака, ги испратија кај нив Петар и Јован. Кога пристигнаа тие, се помолија за овие нови христијани да Го примат Светиот Дух, бидејќи Тој се уште не беше слегол над ниту еден од нив, туку тие само беа крстени во името на Господ Исус. Тогаш Петар и Јован се помолија, положувајќи ги рацете врз нив, и тие Го примија Светиот Дух. Кога Симон виде дека Светиот Дух им беше даден преку ракополагање од страна на апостолите, им понуди пари и им рече: „Дајте ми ја и мене оваа моќ, та врз кого ќе положам раце, да Го прими Светиот Дух!“ Но Петар му одговори: „Одете во неврат и ти и твоите пари, штом мислиш дека Божјиот дар може да се купи за пари! Нема за тебе место, ти не можеш да учествуваш во оваа работа, зашто се покажа дека твоето срце не е праведно пред Бог! Затоа покај се што помисли таква зла работа и помоли Му се на Бог. Можеби ќе ти ја прости оваа нечесна намера, зашто гледам дека си полн со горчина и окован во стегите на гревот.“ Тогаш Симон извика: „Молете Му се на Господ за мене, за да не ме снајде ништо од она што го спомнавте!“

Дела 8:14-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога слушнаа апостолите што беа во Ерусалим дека Самарија го примила словото Божјо, ги пратија кај нив Петар и Јован. Тие, штом слегоа, се помолија за нив за да го примат Духот Свети. Зашто сѐ уште не беше слегол ниту на еден од нив, а само беа крстени во името на Господ Исус. Тогаш апостолите положија над нив раце и тие Го примија Светиот Дух. А Симон, кога виде дека Духот Свети се дава со полагање раце од апостолите, им донесе пари, и им рече: „Дајте ми ја и мене таа власт, та над кого и да ги положам ра­цете, да Го прими Духот Свети!“ Но Петар му рече: „Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто по­мисли дека дарот Божји може да се стекне со пари. Ти немаш дел ниту право на таа работа, бидејќи срцето твое не е право пред Бога. Туку покај се за оваа зла намера и помоли Му се на Бога за да ти се прости помислата на срцето твое; бидејќи те гледам дека си исполнет со горчлива жолчка и во окови на беззаконие.“ А Симон одговори: „Помолете Му се за мене на Господ вие, да не ме стиг­не ништо од она што рековте.“

Дела 8:14-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кога апостолите, кои беа во Ерусалим, чуја дека Самарија го прими Божјото слово, им ги испратија Петра и Јована, кои слегоа и се помолија за нив, за да Го примат Светиот Дух, зашто уште ни на еден од нив не беше слегол, а само беа крстени во името на Господа Исуса. Тогаш ги положија рацете на нив и тие Го примија Светиот Дух. А кога Симон виде дека Светиот Дух се дава со полагање на апостолските раце, им понуди сребреници, велејќи: „Дајте ми ја мене таа власт, на кого ќе ги положам рацете, да Го прими Светиот Дух!“ Но Петар му рече: „Нека одат во пропаст твоите сребреници заедно со тебе, зашто си помислил да го добиеш Божјиот дар со сребреници! Нема за тебе ни дел ни учество во оваа работа, зашто твоето срце не е право пред Бога. Затоа, покај се од оваа твоја нечесност и моли Го Господа да ти ја прости помислата на твоето срце. Зашто гледам дека си во горчлива жолчка и во оковите на неправдата. А Симон во одговор рече: „Молете Му се вие на Господа за мене, за да не ме најде ништо од она што рековте!“