Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Тимотеј 3:1-9

2 Тимотеј 3:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Треба да знаеш дека во последните денови ќе настапат многу тешки времиња. Луѓето ќе станат себични, алчни за пари, самољубиви и горделиви. Ќе навредуваат, ќе бидат непослушни спрема родителите, ќе бидат неблагодарни и без светост. Ќе немаат љубов, ни желба да си простуваат; ќе се клеветат еден со друг, ќе немаат самоконтрола, ќе бидат свирепи и ќе му се противат на се што е добро. Ќе станат предавници, безобѕирни и вообразени. Наместо да Го сакаат Бог, на прво место ќе сакаат да уживаат во своите страсти. Навидум ќе изгледаат побожни, но тие ќе ја одбиваат силата што може да ги направи навистина побожни. Држете се понастрана од таквите луѓе! Има меѓу нив и такви што влегуваат по домовите и ги придобиваат оние жени што се робови на гревот и што се раководат од необуздани страсти. Таквите жени постојано се подготвени да слушнат нешто ново, а никако да ја сфатат вистината. Тие луѓе и се противставуваат на вистината онака како што Јанис и Јамврис му се противставија на Мојсеј. Тоа се луѓе со изопачен ум, нивната вера е лажна. Нема далеку да стигнат! Набргу нивното безумие ќе им стане јасно на сите, исто како што се случи и со Јанис и Јамврис.

2 Тимотеј 3:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Но ова знај го: во последните де­н­ови ќе настанат тешки времиња. Зашто луѓето ќе станат себељубиви, среброљубиви, самофалци, горделивци, хулители, непокорни кон родителите, неблагодарни, неправедни, безбожници, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, по­веќе сластољубиви отколку богољубиви, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив бегај! Кон нив припаѓаат и оние што се завлекуваат по куќите и измамуваат жени што се претоварени со гревови и обземени од разни похоти, жени, кои секогаш се учат и никогаш не можат да дојдат до спознание на вистината. Па, како што Јаниј и Јамвриј му се противеа на Мојсеј, така и тие ѝ се противат на вистината, бидејќи се луѓе со изопачен ум, отпаднати од верата. Но нема да успеат повеќе, зашто безумието нивно ќе им стане јасно на сите, како што се случи и со оние двајца.

2 Тимотеј 3:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња, зашто луѓето ќе бидат саможиви, среброљупци, самофалци, горделиви, хулители; непокорни на родителите, неблагодарни, несвети; без природна љубов, непомирливи, клеветници, невоздржани, жестоки, непријатели на доброто, предавници, избувливи, надуени, повеќе сластољубиви, а не богољубиви, кои имаат изглед на побожност, а се одрекле од нејзината сила; отстранувај се и од нив! Зашто од нив се оние кои се вовлекуваат во куќите и ги измамуваат простите жени натоварени со гревови, кои се водени од различни страсти, кои учат секогаш, а никогаш не можат да дојдат до познавањето на вистината. И како што Јаниј и Јамвриј му се спротивија на Мојсеј, така и овие ѝ се противат на вистината, луѓе со изопачен ум, отфрлени во обѕир на верата. Но нема да напредуваат веќе, зашто нивното безумие ќе се открие пред сите, како што се откри и на оние двајца.