2 Самоилова 7:1-16
2 Самоилова 7:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Откако царот заживеа во својот дом, и Господ го беше успокоил од сите негови околни непријатели, царот му рече на пророкот Натан: „Ете, јас живеам во кедров дом, а Божјиот ковчег стои под шатор.“ А Натан му одговори на царот: „Оди, прави сѐ што ти е на срце, зашто Господ е со тебе.“ Но во истата ноќ дојде ова слово Господово до Натан: „Оди, кажи му на Мојот слуга Давид: Вака говори Господ: ‚Ти ли ќе Ми изградиш дом за да живеам во него, кога Јас не сум живеел во дом, откако ги изведов синовите Израелови од Египет и до денес, но престојував во шаторот и во скинијата. Каде и да одев со сите синови Израелови, му кажав ли барем еден збор на некое од племињата, на кое сум му наложувал да го пасе Мојот народ Израел: зошто не ми изградивте кедров дом?‘ А сега, кажи му така на мојот слуга Давид: вака вели Господ Саваот: ‚Јас те зедов од овчото стадо за да бидеш водач на Мојот народ Израел; и секогаш бев со тебе, каде и да одеше, ги истребував пред твои очи сите твои непријатели, и ќе го возвеличам твоето име, како името на големите луѓе на земјата. Јас ќе одредам место за Мојот народ, за Израел, ќе го утврдам, и тој спокојно ќе живее на своето место и нема повеќе да се обеспокојува, и нечесните луѓе нема повеќе да го понижуваат, како порано, од денот кога Јас определив судии над Својот Израел; и Јас ќе те успокојам од сите твои непријатели. И Господ те известува дека Тој ќе ти подигне дом. А кога ќе завршат твоите дни, и ти ќе починеш кај татковците свои, Јас ќе го воздигнам по тебе твоето семе што ќе произлезе од твоите бедра, и ќе го зацврстам царството негово. Тој ќе изгради дом на името Мое, и Јас ќе го утврдам престолот на царството негово засекогаш. Јас ќе му бидам Татко, и тој ќе Ми биде син; и ако згреши, ќе го казнам со стап човечки и со удари на синови човечки; но милоста Своја нема да ја кренам од него, како што ја кренав од Саул, кога Јас го отфрлив пред лицето твое. И ќе биде непоколеблив твојот дом и твоето царство засекогаш пред лицето Мое, и престолот твој ќе остане засекогаш.‘“
2 Самоилова 7:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Кога Давид се настани во својот дом и кога Господ му даде мир од сите негови непријатели наоколу, царот му рече на пророкот Натан: „Погледај! Еве, јас живеам во дом од кедровина, а Божјиот Ковчег стои под шатор.“ А Натан му одговори на царот: „Оди и прави сѐ што ти е на срце, зашто Господ е со тебе.“ Но во истата ноќ на Натана му дојде оваа Господово слово: “Оди и речи му на Мојот слуга Давид: ‘Господ зборува вака: „Зар ти ќе ми изградиш куќа, за да престојувам во неа? Никогаш не престојував во куќа откако ги изведов Израелевите синови од Египет па до денешниот ден, туку бев скитник под шатор и во Престојувалиштето. Додека одев со сите Израелеви синови, дали му реков еден збор на некој од израелевите судии, на кои им заповедав да бидат пастири на Мојот израелски народ, и дали кажав: ‘Зошто не ми изградите дом од кедрово дрво?’“‘ Затоа сега речи му го ова на Мојот слуга Давид: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Јас те доведов од стадото на овците, за да бидеш водач над Мојот израелски народ. Бев со тебе каде и да одеше, ги откорнав сите твои непријатели пред тебе. Јас ќе ти дадам големо име, како што е името на големците на земјата. Ќе му одредам место на Својот израелски народ, ќе го посадам, за да живее на свое место и да не скита веќе наоколу, ниту злосторниците да го мачат како порано, тогаш кога одредив судии над Својот израелски народ. Јас ќе му прибавам мир од сите негови непријатели. Господ ќе те направи голем, Господ ќе ти подигне дом. И кога ќе се исполнат твоите денови и кога ти ќе починеш при своите татковци, ќе издигнам твој потомок по тебе, кој ќе се роди од твоите бедра, и ќе го зацврстам неговото царство. Тој ќе му изгради дом на Моето име, а јас ќе го зацврстам неговиот престол засекогаш. Јас ќе му бидам татко, а тој ќе Ми биде син: ако направи беззаконие, ќе го казнам со човечка прачка и со ударци како што ги задаваат човечките синови. Но Својата наклоност нема да је одвратам од него, како што ја одвратив од Саула, кого го отстранив од пред тебе. Твојата куќа и твоето царство ќе траат довека пред Мене, твојот престол ќе стои цврсто засекогаш.“‘“