2 Петар 2:1-11
2 Петар 2:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Но имаше и лажни пророци меѓу Израелците, како што и меѓу вас ќе има и лажни вероучители. Тие подмолно ќе воведуваат погубни ереси, свртувајќи се дури и против Господарот што ги откупи. Така тие брзо ќе навлечат врз себе уништување. Многумина ќе тргнат по нивните срамни патишта и заради нив лошо ќе се зборува за Патот на вистината. Поради алчност ќе измислуваат разни прикаски, само за да извлечат од вас материјална корист. Но Бог уште одамна им пресудил на таквите. Уништувањето нив будно ги чека. Зашто Бог не ги поштеди ни ангелите што згрешија, туку ги предаде во оковите на мракот, ги фрли во пеколот, за да бидат таму чувани се до Судниот ден. Не го поштеди ни древниот свет, туку пушти потоп и ги уништи безбожниците. Го зачува само Ное, кој проповедаше праведност, и неговото седумчлено семејство. Градовите Содом и Гомора во прав и пепел ги претвори! Им пресуди и ги разори на страовен начин, како пример за сите што сакаат да бидат безбожни. Но Лот беше праведен и се згрозуваше од развратот на тие изопачени луѓе. Затоа Бог него го избави. Тој беше праведен човек и за него беше душевно измачување да живее со Содомјаните и секојдневно да ги гледа и слуша како прават секакви зла. Бог знае како да ги избави побожните луѓе од нивните неволи, а неправедните ги казнува уште додека го очекуваат Судниот ден. Тоа посебно се однесува на оние што се раководат од телото и грешните страсти и го презираат Божјиот авторитет. Во својата дрскост тие луѓе немаат никаква почит спрема славните небесни суштества, туку се осмелуваат дури и да ги навредуваат! Дури ни ангелите, иако се многу посилни и помоќни од нив, не изнесуваат пред Господ такви навредливи обвиненија против нив.
2 Петар 2:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А во народот имаше и лажни пророци, како што и меѓу вас ќе има лажни учители, кои ќе внесат погубни ереси и, откако се одречат од Господ, Кој ги откупил, ќе навлечат врз себеси брза погибел. И мнозина ќе појдат по нивните нечистотии, и поради нив патот на вистината ќе биде похулен. И, побудувајќи ве од користољубивост, ќе ве привлекуваат со ласкави зборови; но нивното осудување е одамна готово, и нивната погибел не дреме. Зашто Бог, кога не ги поштеди ангелите што згрешија, туку ги фрли во пеколот со вериги на мракот, ги предаде да бидат држани до судот; и кога не го поштеди првиот свет, туку, кога нанесе потоп врз безбожниот свет, го запази само осумчленото семејство на Ное, проповедникот на правдата; и градовите Содом и Гомора ги осуди на разурнување и ги претвори во пепел, оставајќи ги како пример на идните безбожници, а го избави праведниот Лот, кого го осрамотија беззакониците со нечистиот живот. Зашто, кога живееше праведникот меѓу нив, гледајќи ги и слушајќи ги беззаконските дела, тој секојдневно ја измачуваше својата праведна душа; значи Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија, а неправедните да ги држи во маки за судниот ден; а најмногу оние што се управуваат според телото во неговите гнасни похоти, кои ја презираат власта, дрски се, горди и не се плашат да хулат на власта, но дури ни ангелите, кои се поснажни и посилни од нив, не изговараат за нив хула пред Господ.
2 Петар 2:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А имаше и лажни пророци во народот, како што ќе има и меѓу вас лажни учители, кои тајно ќе внесуваат гибелни кривоверства и ќе Го одречуваат Господа, Кој ги откупил, навлечувајќи врз себе брза погибел. И мнозина ќе тргнат по нивната разузданост, заради кои ќе се хули патот на вистината. И во лакомство ќе ве искористуваат со измислени зборови, но нивното осудување е одамна готово и нивната гибел не дреме. Зашто ако Бог не ги поштеди ангелите, кои згрешија, туку ги фрли во мрачните бездни и ги предаде да бидат чувани за судот; и ако не го поштеди стариот свет, туку го запази само Ное, проповедникот на правдата, со уште седум души, кога наведе потоп врз безбожничкиот свет; ако ги осуди на пропаст градовите Содом и Гомор и ги претвори во пепел, и ги постави за пример на идните безбожници; и ако го избави праведниот Лот, кого го мачеше развратниот живот на беззакониците, - зашто овој праведник, живеејќи меѓу нив, ја измачуваше одден-наден својата праведна душа, гледајќи ги и слушајќи ги нивните беззаконски дела, - тоа значи дека Господ знае како да ги избави побожните од искушенија, а неправедните да ги запази за казнување до денот на судот; а особено оние, кои одат по нечистите похоти на телото и го презираат господството. Како дрски и своеволни луѓе тие не се плашат да ги хулат величествата, додека ангелите, кои се поголеми по сила и снага, не изговараат хулна осуда против нив пред Господа.