2 Коринтјаните 1:16-22
2 Коринтјаните 1:16-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
еднаш да ве посетам на одење накај Македонија, а потоа на враќање од Македонија повторно да свратам кај вас и оттаму вие да ме испратите за Јудеја. Се надевам дека нема да ме обвините оти не си стојам на зборот и дека се однесувам како световните луѓе кои кога велат „да“ всушност мислат „не“. Бог ми е сведок дека нашето „да“ не е двосмислено, па да значи и „не“, затоа што Божјиот Син, Исус Христос, за Кого ви проповедавме јас, Силван и Тимотеј, не зборуваше двосмислено, туку она што ќе го кажеше секогаш беше и остануваше така како што е кажано. Сите Божји ветувања се исполнети во Него. Затоа, кога на Бог Му оддаваме слава преку Исус велиме „Амин“. Бог е Тој што и вам и нам ни дава сили да стоиме цврсто на страната на Христос. Тој не одбра, го стави Својот печат врз нас и Го всели во нашите срца Својот Дух како потврда дека сме Негови.
2 Коринтјаните 1:16-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
и преку вас да заминам за Македонија, а од Македонија пак да дојдам кај вас, та вие да ме придружите до Јудеја. Но, сметајќи го ова, можеби лесномислено постапив? Или, пак, што се наканував, по телото ли се наканував, та моето „Да“ да биде и „Не?“ Но Бог е сведок дека нашиот збор до вас не беше „Да“ и „Не.“ Зашто Синот Божји, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас јас и Силван и Тимотеј, не беше „Да“ и „Не“, туку во Него беше „Да“, бидејќи сите ветувања Божји во Него се „Да“, и во Него „Амин“, за слава Божја преку нас. Бог е Оној Кој нѐ утврди со вас во Христос и нѐ помаза; Тој и нѐ запечати и ни даде залог на Духот во срцата наши.
2 Коринтјаните 1:16-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
и преку вас да поминам во Македонија, а од Македонија пак да дојдам при вас, и вие да ме испратите за Јудеја. И така, да не постапив лесномислено кога го посакав тоа? Или моите намери, се намери по телото, така што во мене истовремено е „да-да“ и „не-не.“ Бог е верен, дека: нашето слово кон вас не е „да“ и „не.“ Зашто Божјиот Син, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас: јас, Силуан и Тимотеј, не беше „да“ и „не“, туку во Него беше „да“, бидејќи Божјите ветувања, колку многу и да се, во Него се „да.“ Затоа и ние велиме „Амин“, преку Него, за слава на Бога, преку нас. А Бог нѐ утврдува заедно со вас во Христа и нѐ помаза, и нѐ запечати и ни го даде Духот во нашите срца, како залог.