1 Петар 5:1-7
1 Петар 5:1-7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Сакам да ги охрабрам црковните старешини. И јас сум старешина, сведок на страдањето на Христос и знам дека кога повторно ќе дојде и мене ќе ме огрее Неговата слава. Затоа ве молам, како што овчарот се грижи за своето стадо, така и вие да се грижите за оние што ви се од Бога доверени. Правете го тоа од се срце, а не безволно. Грижете се за нив ревносно, заради Бог, а не од желба за печалба. Не господарете над луѓето што ви се доверени, туку бидете му пример на стадото. А кога ќе дојде Христос, Врховниот Пастир, вие ќе добиете венец што никогаш не свенува - божествена слава. Вие што сте помлади, слушајте ги старешините. Всушност, сите треба понизно да си помагате еден на друг, зашто: „Бог на горделивите им се противставува, а спрема понизните е благонаклонет.“ Бидете понизни пред Божјата моќна рака, за Бог да ве воздигне кога за тоа ќе дојде време. Се што ве вознемирува препуштете Му го Нему. Тој се грижи за вас.
1 Петар 5:1-7 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Оние, кои се меѓу вас свештеници, ги молам јас, кој и самиот сум свештеник, и сведок на Христовите страдања и соучесник во славата, што ќе се открие: пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради срамна печалба, туку од сѐ срце. И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото. А кога ќе се јави Пастироначалникот, ќе добиете венец на слава што никогаш не свенува. Исто така и вие, помладите, покорувајте им се на старешините; а сите, пак, покорувајте се еден на друг и здобијте се со понизност, бидејќи „Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.“ Понизете се под крепката рака Божја, за да ве воздигне кога ќе дојде времето. Сите ваши загрижености префрлете ги врз Него, зашто Тој се грижи за вас.
1 Петар 5:1-7 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Старешините меѓу вас ги повикувам јас, кој сум и самиот старешина и сведок на Христовите страдања и учесник во славата, која ќе се открие: пасете го Божјото стадо, кое е меѓу вас, и надгледувајте го, не со сила, туку драговолно, како што Бог сака; не од желба за срамна печалба, туку од добро срце; и не како да господарите над оние, кои ви се доверени, туку бидете му пример на стадото. И кога ќе се појави Надпастирот, ќе примите круна на слава, што не вене. Така и вие помладите покорувајте им се на старешините. А сите еден кон друг препашете се со смиреност, зашто „Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.“ И така, понизете се под силната Божја рака, за да ве возвиши во право време. И секоја своја грижа фрлете ја на Него, зашто Тој се грижи за вас.