Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 9

9
1Јас ја кажувам вистината. Му припаѓам на Христос и не лажам. Мојата совест, водена од Светиот Дух, ми сведочи дека не лажам
2кога ви кажувам колку е голема мојата тага, каква непрестајна болка имам во срцето
3за мојот народ, за моите сонародници - Евреите. Кога тоа би можело да ги спаси, би се согласил јас да бидам проколнат и откинат од Христос!
4Израелците се Божји одбран народ. Бог ним им ја откри Својата слава и со нив склучуваше завети. Ним им беше даден Божјиот Закон, ним им беше доверено да служат во храмот, ним им беа дадени ветувањата.
5Од нив потекнуваат патријарсите, од нив потекнува и Христос, по тело, а Тој е Бог, Кој владее над се - благословен нека биде за вечни векови! Амин.
6Не се работи за тоа дека Бог не си го одржал зборот спрема Евреите. Но не е вистински Евреин секој што по потекло е Евреин.
7Не се сите потомци на Авраам негови вистински наследници, туку Светото Писмо вели: „Оние што се потомци на Исак ќе се сметаат за твои наследници.“
8Тоа значи дека не се Божји деца сите што се биолошки потомци на Авраам. Вистинските потомци на Авраам се децата што беа родени според ветувањето што го беше дал Бог.
9А тоа ветување гласеше: „Следната година, во ова време јас ќе се вратам и Сара ќе има син.“
10Тој син беше Исак, кој подоцна се ожени со Ревека. И кај нивните деца се покажа Божјиот избор. Ревека зачна близнаци од нашиот предок Исак.
11Но изборот меѓу нив го изврши Бог, согласно со Своите планови. Уште пред да се родат близнаците и да сторат нешто добро или зло,
12Бог и рече на Ревека: „Потомците на постариот син ќе им служат на потомците на помладиот син.“ Изборот не беше резултат на нивни заслуги, туку зависеше само од Оној што одбираше, од Бог.
13Токму затоа Бог во Светото Писмо вели: „Јакова го засакав, а Исава го отфрлив.“
14Значи ли ова дека Бог е неправеден? Никако!
15На Мојсеј Бог му рече: „Спрема кого сакам ќе имам милост, спрема кого сакам ќе се сожалам.“
16Значи, Божјиот избор е резултат на Неговата милост, а не е заслуга на оние што сакале или пак на оние што вложувале сопствени напори.
17Светото Писмо кажува дека Бог вака му рече на фараонот: „Те направив цар, за да се покаже над тебе Мојата сила и за да се прочуе Моето име по целата Земја.“
18Значи, спрема кого сака Бог ќе се смилува, а кого сака ќе го остави тврдоглав.
19Несомнено некој ќе рече: „Зошто тогаш Бог смета дека одговорноста е кај луѓето? Кој може да се противстави на она што Бог наумил да го стори?“
20Но кој си па ти, човеку, да Му приговараш на Бог!? Зар ракотворбата ќе му приговори на мајсторот: „Зошто си ме направил ваква?“
21Зар грнчарот нема право од иста смеса глина да направи еден сад за благородна, а друг за неблагородна употреба?
22Бог има право да го излее Својот гнев и да ја покаже Својата сила, но има право и да биде долготрпелив спрема оние на кои им е гневен, луѓе кои самите се подготвиле за сопствено уништување.
23Тој има право да ги излее богатствата на Својата слава врз оние спрема кои ја насочи Својата благонаклоност, оние што ги беше приготвил за слава.
24Во овие вториве спаѓаме и ние, а нас не има не само од Евреите, туку и од другите народи.
25Еве што вели Бог за тоа во книгата на пророкот Осија: “На оние што не биле Мој народ ќе им речам: ,Мој народе!‘ На оние што не биле сакани ќе им речам: ,Драги Мои!‘“
26и „На истото место каде што им беше речено: ,Вие не сте Мој народ.‘ сега ќе бидат наречени деца на Живиот Бог.“
27Во врска со Израел, пророкот Исаија извикуваше: „Дури и ако Израелците станат многубројни како морскиот песок, само мал број од нив ќе се спасат!
28Господ брзо ќе ја спроведе казната што ја има изречено за Земјата!“
29На друго место пророкот Исаија вели: „Ако Семоќниот Господ не оставеше од нас преживеани, ќе бевме целосно уништени како Содом и Гомора!“
30Што можеме да заклучиме од ова? Иако другите народи не се трудеа да се здобијат со праведност пред Бог, добија можност за праведност и тоа преку вера.
31Израелците, пак, се обидуваа да се здобијат со праведност преку придржување кон Мојсеевиот Закон, но не успеаја.
32Зошто? Затоа што не се потпираа на верата, туку мислеа дека со сопствените постапки ќе можат да се здобијат со праведност. Тие се препнаа од „каменот за сопнување.“
33Бог ги предупреди на ова преку напишаното во Светото Писмо: „Еве, во Ерусалим ќе поставам Камен од кој некои луѓе ќе се сопнат, Карпа од која ќе се соблазнат, а оние што ќе поверуваат во Него, нема да се разочараат.“

Селектирано:

Римјаните 9: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност