Римјаните 12
MNT

Римјаните 12

12
1Драги пријатели христијани, имајќи ја предвид Божјата благонаклоност спрема вас, ве молам да ги принесете своите тела како жива жртва, света и пријатна за Бог. Тоа е најдобриот начин да Му служите.
2Не сообразувајте се со световните луѓе, туку допуштете Бог однатре да ве преобрази така што Тој ќе го промени начинот на кој размислувате. Тогаш ќе можете да согледате што сака Бог да правите, што е добро, пријатно и совршено.
3Како Божји гласник, избран врз основа на Неговата благонаклоност, на секој од вас му порачувам дека за себе не треба да има повисоко мислење одошто заслужува. Бидете скромни и проценувајте ја сопствената вредност според големината на верата што Бог ви ја дал.
4Како што ние во своето тело имаме многу органи и секој орган си има своја улога,
5така е и со Црквата - телото Христово. Сите ние сме органи на „Христовото тело“ и имаме потреба еден од друг.
6Бидејќи Бог ни беше благонаклонет, на секој од нас му даде различни дарби. Ако е некој надарен да пророкува, нека пророкува согласно со верата што ја има.
7Ако е некој надарен да служи, нека служи; ако е надарен да поучува, нека поучува;
8ако е надарен да ги охрабрува луѓето, нека го прави тоа. Ако е некој дарежлив, нека дава штедро. Ако раководи, нека раководи најдобро што знае и умее. Ако од милосрдие им помага на луѓето, нека го прави тоа со радост.
9Сакајте ги луѓето искрено, а не лицемерно. Мразете се што е зло и решително правете добро.
10Сакајте се срдечно како браќа. Кога се работи за почести, давајте им предност на другите.
11Бидете ревносни, а не мрзливи. Служете Му на Господ со пламенен дух.
12Надежта што ја имате нека ве исполнува со радост. Кога ви е тешко, бидете стрпливи и постојано молете се.
13Грижете се за потребите на посветените Божји луѓе и бидете гостољубиви.
14Ако луѓето ве прогонуваат поради вашата вера во Христос, не колнете ги, туку благословувајте ги.
15Радувајте се со оние што се радуваат, тагувајте со оние што тагуваат.
16Трудете се да живеете во меѓусебна слога. Не бидете вообразени, туку дружете се со обичните луѓе. Немојте да мислите дека се знаете!
17Никому не враќајте зло за зло. Трудете се да го правите само она што сите го сметаат за добро.
18Од ваша страна трудете се да живеете во мир со сите луѓе.
19Драги пријатели, немојте да се одмаздувате. Препуштете му ја одмаздата на Божјиот гнев. Во Светото Писмо, Господ вели: “Одмаздувањето е Моја работа. Јас ќе возвратам!“
20А ти, напротив, постапувај според учењето на Светото Писмо кое вели: “Ако твојот непријател е гладен, нахрани го, ако е жеден, дај му да пие. Така ќе го засрамиш, како со вжарени гламни да си му ја посипал главата.“
21Не дозволувајте злото да ве надвладее, туку вие надвладувајте го злото со добро.

Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.


Дознај повеќе за Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик