Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 6

6
1Кога видов како Јагнето го отвора првиот од седумте печати, се огласи едно од четирите суштества, кое громогласно рече: „Дојди!“
2Наеднаш пред мене се појави еден бел коњ. Коњаникот што јаваше на него беше вооружен со лак. Нему му беше даден венец, бидејќи досега победувал, а и сега излезе за да остварува нови победи.
3Кога Јагнето го отвори вториот печат се огласи второто суштество, кое извика: „Дојди!“
4Тогаш се појави друг коњ, црвен. На коњаникот што јаваше на црвениот коњ му беше даден еден голем меч и му беше дозволено да го одземе мирот од Земјата. И луѓето почнаа меѓусебно да се убиваат.
5Кога Јагнето го отвори третиот печат, се огласи третото суштество и рече: „Дојди!“ Наеднаш пред мене се појави еден црн коњ. Коњаникот што јаваше на црниот коњ во раката држеше терезија.
6Потоа чув глас што доаѓаше откај четирите суштества и го кажуваше следното: „Килограм пченица ќе ве чини една дневница, три килограми јачмен ќе ве чинат една дневница, а маслото и виното ќе треба да ги штедите!“
7Кога Јагнето го отвораше четвртиот печат, се огласи четвртото суштество, кое рече: „Дојди!“
8Наеднаш пред мене се појави сиво-зелен коњ. Коњаникот што јаваше на сиво-зелениот коњ се викаше ,Смрт‘, а во негова придружба беше Адот. Ним им беше дадена власт над една четвртина од Земјата, за да убиваат со меч, со глад, преку болести и преку диви ѕверови.
9Кога Јагнето го отвори петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите на луѓето што биле убиени поради нивната вера и проповедање на Божјата порака.
10Тие гласно Му се обраќаа на Господ: „Свет и верен Господару! До кога ќе ја одложуваш пресудата и одмаздата за нашата крв над жителите на Земјата!?“
11Тогаш на сите ним им беше дадена бела облека и им беше кажано да се стрпат уште малку време, додека не им се придружат сите другари и сотрудници што ќе бидат убиени како и тие.
12Гледав, понатаму, како Јагнето го отвора шестиот печат. Тогаш се случи силен земјотрес, Сонцето поцрне како црна облека, а Месечината поцрвене како крв.
13Ѕвездите од небото испопаѓаа по Земјата, како што паѓаат смокви под дејство на силен ветер.
14Небото се свитка како хартија и исчезна, а сите планини и острови се изместија.
15На Земјата сите цареви, великани, воени команданти, богати и влијателни луѓе, робови и слободни - сите се засолнуваа во пештери и во засолништа под планините.
16Тие им довикуваа на планините и на карпите: „Урнете се врз нас и затрупајте не, скријте не од лицето на Оној што седи на престолот и од лутиот гнев на Јагнето!
17Зашто дојде страшниот ден на Нивниот гнев и кој може да го издржи!?“

Селектирано:

Откровение 6: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност