Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 13

13
1Змејот застана на морскиот брег. Потоа забележав како од морето излегува еден Ѕвер со десет рогови и седум глави. На секој од десетте рогови носеше круна, а на секоја глава носеше натписи со богохулни имиња.
2Ѕверот имаше тело како од леопард, нозе како од мечка, а уста како од лав. Змејот му ги предаде на Ѕверот својата моќ, својот престол и својата голема власт.
3Забележав дека една од главите на Ѕверот му беше смртоносно ранета. Но смртоносната рана му зарасна и сите жители на Земјата се занесоа по Ѕверот:
4Тие почнаа да го обожаваат Ѕверот и да му се клањаат на Змејот што му ја беше дал сета своја власт на Ѕверот. Му се клањаа и на Ѕверот и говореа: „Кој е како Ѕверот и кој може да му се противстави!?“
5На Ѕверот му беше дозволено да се нафрли и да Го навредува Бога, и да владее четириесет и два месеци.
6Тогаш Ѕверот отвори уста и почна да Го навредува Бога, да ги хули Неговото име, Неговото живеалиште, како и небесните жители.
7На Ѕверот му беше дозволено да војува против Божјите луѓе и да ги надвие. Му беше дадена власт над секое племе, народ, јазик и раса.
8На Ѕверот ќе му се поклонуваат сите оние жители на Земјата чии имиња уште пред создавањето на светот не се запишани во Книгата на животот што Му припаѓа на Јагнето, Кое беше убиено.
9Ако имате слух - слушајте!
10Кој е определен за ропство - ќе падне во ропство; кој е определен да загине од меч - ќе загине од меч! А Божјите луѓе се повикани на трпеливост и верност!
11Потоа видов и втор Ѕвер. Тој излегуваше од Земјата. Имаше два рога како јагне, но зборуваше со глас на змеј.
12Овој Ѕвер е во служба на првиот Ѕвер, кој имаше смртоносна рана што му зарасна. Тој ќе ја користи сета своја власт да ги натера сите луѓе на Земјата да му се клањаат на првиот Ѕвер.
13Притоа, тој ќе извршува и големи чуда; ќе направи дури и оган од небото да паѓа, пред очите на луѓето.
14Целта на вториот Ѕвер е да ги заведе луѓето на Земјата, со чудата што ќе ги извршува. Тој ќе ги убеди луѓето да му направат икона на Ѕверот што беше смртно ранет со меч, но преживеа.
15Нему ќе му биде дозволено да внесе живот во иконата, која ќе проговори и ќе ги убива сите што нема да му се клањаат на Ѕверот.
16Тој ќе ги принуди сите луѓе - мали и големи, богати и сиромаси, слободни или робови - да бидат обележени на десната рака или на челото.
17Без тој белег никој не ќе може ништо да купува или да продава. Белегот ќе биде името на Ѕверот или бројот што ќе го претставува неговото име.
18Потребна е мудрост за да се разбере ова. Тој што е прониклив, ќе може да го открие значењето на бројот на Ѕверот. Бројот се однесува на човек и изнесува 666.

Селектирано:

Откровение 13: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се