Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 8

8
1Набргу потоа, многуброен народ одново се насобра околу Исус. Луѓето не носеа храна со себе, па Исус ги повика Своите ученици и им рече:
2„Жал ми е за луѓево; веќе три дена постојано се со Мене, а немаат храна.
3Некои од нив живеат далеку и ако ги пуштам да си одат гладни, ќе премалат по патот!“
4Учениците Му одговорија: „Местово е пусто; каде ќе најдеме храна да нахраниме толку народ!?“
5„Колку леба имате?“ - ги праша Исус. „Седум леба“ - одговорија тие.
6Откако Исус го поседна народот по земјата, ги зеде седумте леба и ги благослови. Потоа ги раскрши на парчиња и им ги подаваше на учениците да му ги разделуваат на народот.
7Имаа и малку риби и откако Исус ги благослови и нив, им рече на учениците да им ги разделат на луѓето.
8Сите се најадоа до наситување, а собраа и седум кошници остатоци од храната.
9Присутните беа на број околу четири илјади души. По ова, Исус го испрати народот да си оди.
10Веднаш потоа, придружуван од Своите ученици, Исус се качи на едно бротче и отплови во месноста Далманута.
11Група фарисеи дојдоа кај Исус и почнаа да се расправаат со Него. Со намера да Го искушуваат, тие бараа од Него да им изведе некое чудо со кое ќе докаже дека Тој доаѓа од небото.
12Исус длабоко воздивна и рече: „Зошто постојано барате некаков чудотворен знак? Ве уверувам дека на вашата генерација таков знак нема да и се даде!“
13Потоа ги остави, се качи на бротчето и отплови на спротивната страна од езерото.
14Учениците на Исус заборавија да понесат леб со себе; во бротчето имаа само еден леб.
15Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од квасецот на фарисеите и на Ирод!“
16Разговарајќи меѓу себе, учениците заклучија: „Ни приговара зашто заборавивме да земеме леб!“
17Но Исус, знаејќи што мислат, им рече: „Зошто го поврзувате ова со тоа што немате леб!? Како не можете веќе да сфатите!? Зар умовите ви се заспани!?
18Имајќи си очи, не гледате, и имајќи си уши, не слушате!
19Помните ли колку кошници ви останаа кога со пет леба нахранив пет илјади души?“ Тие Му одговорија: „Дванаесет!“
20Исус продолжи: „А колку кошници ви останаа кога со седум леба нахранив четири илјади души?“ Тие Му одговорија: „Седум!“
21„Сe уште не разбирате, нели?“ - им рече Исус.
22Кога Исус и Неговите ученици отидоа во селото Бетцаида, некои луѓе Му донесоа еден слеп човек и Го молеа со допир да го излекува.
23Исус го фати за рака и го изведе надвор од селото. Потоа со плунка му ги намачка очите и го праша дали нешто гледа.
24Човекот го поткрена погледот и рече: „Гледам луѓе, но ги гледам нејасно како дрвја во движење.“
25Со Своите раце Исус повторно му ги допре очите. Тогаш човекот наполно прогледа и сe гледаше јасно.
26Исус му рече: „Сега можеш да си одиш дома, но не наминувај во селото да раскажуваш за ова!“
27Исус и Неговите ученици заминаа по селата во околината на градот Цезареја Филипова. Додека патуваа, Исус ги запраша: „За кого Ме сметаат луѓето?“
28Учениците одговорија: „Едни мислат дека си Јован Крстител или пророкот Илија; други мислат дека си некој од древните пророци.“
29Тогаш Исус ги праша: „А за кого Ме сметате вие?“ Петар одговори: „Ти си Месијата!“
30Исус им забрани да им кажуваат на луѓето за Него.
31Оттогаш Исус почна да им кажува што сe ќе се случи со Него. Им кажа дека Него, Синот Човечки, Го очекуваат големи страдања, дека Тој ќе биде отфрлен од народните водачи, од свештеничките поглавари и од вероучителите, дека тие ќе Го убијат, но и дека по три дни Тој ќе воскресне.
32За сето ова им говореше многу отворено. Тогаш Петар Го повлече Исуса настрана, укорувајќи Го дека така зборува.
33Исус се сврте кон Своите ученици, а потоа со строг глас му рече на Петар: „Бегај од Мене, Сатано! Тоа што го велиш е човечко размислување, а не Божјо!“
34Тогаш Исус ги повика Своите ученици и народот поблиску до Себе и им рече: “Тој што сака да стане Мој следбеник треба да се откаже од своите себични амбиции, да си го понесе својот крст и да тргне по Моите стапки.
35Зашто, секој што сака да си го запази животот само за себе - ќе го загуби; а ако Ми го посвети Мене и на Евангелието - ќе го зачува.
36Каква ќе му биде ползата на човекот, ако и сиот свет го добие, а својата душа ја загуби!?
37Има ли нешто повредно од твојата душа?
38Нема причина да се срамите од Мене и од Моето учење пред овој неверен и грешен свет, зашто инаку и Јас, Синот Човечки, ќе се засрамам од вас кога ќе се вратам во сета слава на Мојот небесен Татко, во придружба на светите ангели!“

Селектирано:

Марко 8: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност