Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 6

6
1Исус си замина оттаму и заедно со Своите ученици се врати во својот град.
2Во саботата Тој отиде во синагогата да поучува. Многуброен народ занесно Го слушаше, прашувајќи се: „Од каде го знае сето ова? Од каде Му е оваа мудрост и моќ да прави чуда?
3Не ли е ова дрводелецот - синот на Марија, братот на Јаков, Јосиф, Јуда и Симон? Нели сестрите Негови и денес живеат меѓу нас!?“ Така, жителите на Назарет со сомневање гледаа на Исус.
4Затоа Исус им рече: „Пророкот добива признание отсекаде, освен од својот град, од своите роднини и од своето семејство!“
5Таму не можеше да направи многу чуда, освен што исцели неколку болни, допирајќи ги со Своите раце.
6Остана изненаден од нивната неверба. Исус одеше по околните села и поучуваше.
7Потоа ги повика Дванаесетте апостоли и ги испрати по двајца, давајќи им моќ да изгонуваат демонски духови.
8Им ги даде следниве упатства: „Патувајте само со стап во рацете. Не носете со себе ни храна, ни торба, ни пари.
9Носете сандали, но не и резервна облека.
10Кога ќе ве прими некое семејство, останете кај него сe додека не си заминете од тој град.
11Ако некое место не сака да ве прими и да ве слуша, одете си оттаму и истресете им го и правот од сандалите, како знак на осуда за нив.“
12Тогаш апостолите заминаа и им проповедаа на луѓето да Му се вратат на Бог.
13Изгонуваа многу демонски духови и исцелуваа голем број болни, премачкувајќи ги со маслиново масло.
14За Исус насекаде се зборуваше, така што и царот Ирод слушна за Него. Се ширеше глас дека всушност Јован Крстител оживеал од мртвите и дека затоа преку Него дејствуваат чудотворни сили.
15Други говореа дека Исус е пророкот Илија или некој друг од древните пророци.
16Но самиот Ирод, откако слушна за Исус, рече: „Ова мора да е Јован Крстител! Јас му ја отсеков главата, а тој воскреснал!“
17Имено, Ирод беше заповедал да го уапсат Јована и окован да го фрлат в затвор, сe заради Иродијада, жената на Филип, братот на Ирод, која Ирод ја беше зел за своја жена.
18Јован постојано му зборуваше на Ирод: „Немаш право да ја присвојуваш жената на брат ти!“
19Поради ова, Иродијада го беше намразила Јована и сакаше да го убие, но немаше погодна можност.
20Ирод, пак, се плашеше од Јован и го заштитуваше, бидејќи знаеше дека тој е праведен и богопосветен човек. Иако Ирод често беше вознемирен од она што го зборуваше Јован, сепак честопати и со задоволство го слушаше.
21Но Иродијада начека погоден момент кога Ирод приреди свечен прием по повод својот роденден и ги покани своите високи службеници, воени старешини и видни личности од покраината Галилеја.
22Тогаш влезе ќерката на Иродијада и танцуваше пред Ирод и неговите гости. Сите беа одушевени и Ирод и рече: „Ќе ти дадам сe што ќе посакаш!
23Ти ветувам пред сите дека, ако посакаш и половина од моето царство, ќе ти го дадам!“
24Таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ Советот на мајка и беше: „Барај ја главата на Јован Крстител!“
25Девојката брзајќи се врати кај Ирод и му рече: „Ја сакам главата на Јован Крстител на послужавник, и тоа веднаш!“
26На царот му падна тешко, но не сакаше да си го прекрши ветувањето што го беше дал пред гостите.
27Затоа тој веднаш го испрати ?елатот да му ја донесе главата на Јован.
28Овој отиде, му ја отсече главата на Јован во затворот и на послужавник и ја донесе на девојката, која и ја предаде на мајка си.
29Кога учениците на Јован разбраа дека тој е погубен, го зедоа неговото тело и го погребаа.
30Апостолите повторно се собраа кај Исус и почнаа да Му раскажуваат за делата и поуките што ги извршиле.
31Но многу народ постојано доаѓаше и си заминуваше, така што апостолите немаа време ни да јадат. Затоа Исус им рече: „Дојдете, ќе отидеме на некое тивко место, па да можете малку да се одморите!“
32Тргнаа со бротче на едно такво место,
33но голем број луѓе видоа во кој правец отпловија, па побрзаа пеш од сите краишта и први втасаа таму.
34Кога Исус излезе од бротчето, виде голема толпа народ, која прилегаше на стадо овци без пастир. Му падна жал за луѓето, па почна да ги поучува за многу нешта.
35Во приквечерината кај Исус дојдоа Неговите ученици и Му рекоа: „Местово е пусто, а веќе е доцна.
36Пушти ги луѓето да отидат по околните села и земјоделски имоти, за да си купат храна!“
37„Дајте им вие нешто да јадат“ - им одговори Исус.“ Но тие му рекоа: „Да се купи леб за сиот овој народ, би ни требале повеќе од двесте денарии!“
38„Одете и проверете колку лебови имате“ - им рече Исус. Откако проверија, Му рекоа: „Имаме пет леба и две риби!“
39Тогаш Исус им даде упатства на учениците да ги поседнат луѓето на тревата, во групи.
40Луѓето седнаа во групи од по сто и по педесет.
41Исус ги зеде петте леба и двете риби, го поткрена погледот кон небото, ги благослови лебовите и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците кои им ги даваа на луѓето. На ист начин им делеше на сите и од двете риби.
42Сите јадеа до наситување,
43а учениците собраа и дванаесет полни кошници со парчиња што преостанаа од лебот и од рибите.
44Оние што јадеа беа на број околу пет илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.
45Веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да се качат на бротчето и да отпловат на спротивната страна, кон Бетцаида, додека Тој да го отпушти народот.
46Кога го испрати народот, Исус се искачи на гората за да се моли.
47Доцна вечерта, додека Тој сe уште беше сам на копното, бротчето се наоѓаше некаде сред езерото.
48Ги виде Своите ученици како се мачат, веслајќи спроти ветрот. Околу четири часот наутро, Исус се упати кон нив, одејќи по површината на езерото, со намера да им се придружи.
49Кога учениците Го видоа како оди по водата, помислија дека е дух, па од страв почнаа да викаат. Сите Го видоа и многу се исплашија.
50Но Тој веднаш им проговори: „Не плашете се, Јас сум! Смирете се!“
51Потоа влезе кај нив, во бротчето, и ветрот наеднаш стивна. Учениците останаа наполно збунети!
52Умовите им беа заслепени и не го сфатија значењето на претходната случка со лебовите.
53Исус и Неговите ученици го препловија езерото и пристигнаа на брегот кај градот Генисарет.
54Кога излегоа од бротчето, луѓето Го препознаа Исуса.
55Се растрчаа по целиот крај, донесувајќи му болни на носила, откако ќе утврдеа на кое место се наоѓа Тој.
56Во кое село, град или населба Исус ќе влезеше, на пазарите и по улиците, луѓето Му носеа болни и Го молеа да им дозволи барем да ја допрат Неговата наметка. И секој што ќе Го допреше, оздравуваше.

Селектирано:

Марко 6: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност