Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Maтеј 15:10-39

Maтеј 15:10-39 MNT

Тогаш Исус го повика народот да Му се приближи и му рече: „ Слушајте и сфатете дека, не го погани човекот храната што ја внесува преку устата, туку она што го зборува и што го прави.“ По ова Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите се навредија од она што Ти го кажа?“ А Исус им одговори: „Секоја садница што не е насадена од Мојот небесен Татко, ќе биде искоренета! Оставете ги; тие се слепи водачи кои водат слепи луѓе; а кога слепец води слепец обајцата ќе паднат во јама!“ Петар проговори и праша: „Објасни ни што сакаше да кажеш со оваа споредба?“ Тој им одговори: „Зар и вие уште не сфаќате!? Не сфаќате ли дека си што се јаде преку устата минува низ стомакот и се исфрла надвор? А зборовите што се изговараат низ устата и делата што излегуваат од срцето можат да го опоганат човекот. Зашто, злите планови, убиствата, прељубите, блудствата, кражбите, лагите и пцостите произлегуваат од срцето на човекот. Тие работи го поганат човекот, а не непочитувањето на ритуалното миење на рацете!“ Заминувајќи од Галилеја, Исус се повлече на север, во пределот на градовите Тир и Сидон. Една жена, Хананејка, која живееше таму, дојде кај Него и наеднаш извика: „Имај милост спрема мене, Господе, Сине Давидов! Ќерка ми ја измачуваат демонски духови!“ Но Исус воопшто не ђ одговори. Тогаш Му пријдоа Неговите ученици и Го молеа: „Исполни ђ ја молбата, да не вика по нас!“ Но Исус им одговори: „Јас Сум пратен само кај Израелскиот народ, кај Божјите загубени овци“ А жената Му пријде и паѓајќи ничкум пред Него, Му рече: „Господе, помогни ми!“ Но Исус ђ одговори: „Не е право да се одземе лебот од децата и да им се фрли на кучињата!“ Тогаш, таа одговори: „Така е, Господине; но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари!“ На ова, Исус ђ одговори: „Голема вера имаш ти, жено! Нека ти се исполни желбата!“ Во истиот миг нејзината ќерка беше исцелена. Заминувајќи си оттаму, Исус се упати назад, кон брегот на Галилејското Езеро; таму се искачи на еден рид и седна. Надојде голема толпа народ, водејќи со себе куци, сакати, слепи, глувонеми и многу други болни, кои Му ги положуваа пред нозе, и Тој ги исцелуваше. Народот беше вчудовиден, гледајќи како неми прозборуваат, сакати оздравуваат, куци проодуваат и слепи прогледуваат. И Му оддаваа слава на Израеловиот Бог. Потоа, Исус ги повика кај Себе Своите ученици, и им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни се со Мене, а ништо не јале. Не би сакал да ги пуштам да си одат гладни, за да не изнемоштат по пат.“ А Неговите ученици Го прашаа: “Каде ќе најдеме доволно храна за толку народ, овде, во пустинава?“ Тој ги праша: „Колку леб имате?“ Тие Му рекоа: „Седум леба и неколку рипчиња.“ Тогаш Исус им заповеда на луѓето да испоседнат по земјата, па ги зеде седумте леба и рибите, Му се заблагодари на Бог и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците, а тие му ги разделуваа на народот. Сите јадеа и се наситија, а собраа и седум полни кошници со парчиња што преостанаа. А луѓето што јадеа беа на број четири илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата. Тогаш Исус го пушти народот да си оди, а Тој се качи на бротче и замина во пределот на Магадан.