Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела Ап. 21:1-23

Дела Ап. 21:1-23 MNT

Откако во Милет се збогувавме со старешините на црквата од Ефес, испловивме накај островот Кос. Следниот ден стигнавме до Родос, а оттаму до Патара. Најдовме брод што оди за сириската покраина Феникија, па се качивме и отпловивме. Поминавме покрај Кипар, кој ни остана одлево, па продолживме да пловиме накај Сирија и пристигнавме во пристаништето Тир, каде што бродот требаше да го растовари товарот. Слеговме од бродот, ги најдовме тамошните христијани и останавме со нив седум дена. Тие, откако Светиот Дух им откри што ќе се случи со Павле, го советуваа да не оди во Ерусалим. Кога завршија седумте дена, тргнавме да си одиме. Сите христијани: мажи, жени и деца, се собраа да не испратат, па одеа со нас се до излезот од градот, а на брегот клекнавме на колена и се помоливме. Се збогувавме и се качивме на бродот, а тие се вратија во своите домови. Заминувајќи од Тир, пристигнавме во пристаништето Птолемаида. Се поздравивме со тамошните христијани и останавме со нив еден ден. Следниот ден отпатувавме и пристигнавме во Цезареја. Таму отидовме во домот на евангелистот Филип, еден од седумтемина што беа одбрани да им делат храна на сиромашните. Тој имаше четири немажени ќерки, на кои Светиот Дух им беше дал способност да пророкуваат. Во текот на нашиот повеќедневен престој во Цезареја, дојде еден човек од Јудеја по име Агав, кој исто така имаше дарба да пророкува. Дојде кај нас, го зеде појасот на Павле, си ги врза рацете и нозете, па рече: „Вака вели Светиот Дух: ,Сопственикот на овој појас ќе биде вака врзан од Евреите и ќе им биде предаден на Римјаните‘!“ Кога го чувме тоа и ние, и христијаните од Цезареја, го молевме Павле да не оди во Ерусалим. Но Павле ни одговори: „Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим, за името на Господ Исус!“ Бидејќи не успеавме да го разубедиме, замолкнавме и си рековме: „Нека биде според волјата Господова!“ По ова, се подготвивме и тргнавме кон Ерусалим. Со нас патуваа и неколку христијани од Цезареја и не одведоа на гости кај Мнасон, каде што останавме извесно време. Тој беше од Кипар и беше еден од најпрвите Христови следбеници. Кога стигнавме во Ерусалим, тамошните христијани убаво не пречекаа и се израдуваа. Следниот ден Павле, заедно со нас, отиде да го посети апостолот Јаков. На средбата присуствуваа и сите старешини од црквата во Ерусалим. Откако разменија поздрави, Павле подробно им раскажа што се Бог направи преку него меѓу нееврејските народи, во текот на неговата мисија. Кога го ислушаа, му благодарија на Бог. Потоа му рекоа на Павле: „Брате, ти гледаш колку илјадници Евреи станаа христијани и сите тие многу ревносно се придржуваат кон Мојсеевиот Закон. Тие чуле дека ти си ги поучувал Евреите кои живеат меѓу нееврејските народи да го напуштат Мојсеевиот Закон, односно да не ги обрежуваат своите машки деца и да не се придржуваат до обичаите. Што ќе правиме сега? Тие сигурно ќе разберат дека си дошол овде. Затоа ние имаме предлог: меѓу нас има четворица мажи што се заветувале, па се подготвуваат да си ги избричат главите.