Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Коринтјаните 13

13
1Ова ќе биде третпат како доаѓам кај вас. „Секое обвинение мора да биде потврдено од двајца или тројца сведоци“ - вели Светото Писмо.
2Во текот на мојата втора посета ве предупредив, а и сега, кога не сум кај вас, однапред ги предупредувам оние што порано грешеле, а и сите други: кога овојпат ќе дојдам, нема да ве штедам!
3Барате доказ дека преку мене зборува Христос!? Ќе добиете! Тој не е немоќен да излезе на крај со вас! Ви има покажано колку е моќен.
4Кога Христос беше распнат, се чинеше дека е слаб, но Тој е сега жив преку Божјата моќна сила. Така и ние што сме со Него изгледаме слаби, но ние живееме со Него преку Божјата сила, со која ќе истапиме спрема вас.
5Проверете се и проценете дали ја имате вистинската вера! Дали Исус Христос живее во вас? Ако не, вие сте лажни верници!
6Се надевам дека ќе се уверите оти ние не сме лажни верници.
7Му се молиме на Бог да не правите ништо лошо. Не со цел да се докажеме ние, туку за да постапувате правилно вие, па макар и да не сметате за лажни верници.
8Наша должност е никогаш да не и се противставуваме на вистината, туку цврсто да застанеме на нејзина страна.
9Се радуваме кога сте вие силни во верата, па макар да не сметате нас за слаби. Се молиме одново да станете зрели христијани.
10Затоа и ви го пишувам ова, пред да дојдам кај вас, за да не бидам принуден да постапам строго кога ќе дојдам, употребувајќи ја власта што ми е дадена од Господ. Зашто таа власт ми е дадена за да изградувам, а не да уривам.
11На крајот, драги пријатели христијани, сакам да бидете радосни. Стремете се кон духовна зрелост, охрабрувајте се еден со друг, трудете се да живеете во слога и мир. Тогаш Бог, Кој е извор на љубов и мир ќе биде со вас.
12Поздравете се меѓусебно со изрази на искрена љубов. Ве поздравуваат сите овдешни христијани.
13А сега, над секој од вас нека бдеат милостивата благонаклоност на нашиот Господ Исус Христос, Божјата љубов и пријателската придружба на Светиот Дух!

Селектирано:

2 Коринтјаните 13: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност