Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 107:1-32

ПСАЛМИ 107:1-32 MKB

Славете Го Господа, зашто е благ, зашто Неговата милост е вечна! Така нека речат сите избавеници, кои Господ ги избави од непријателските раце, и кои ги собра од сите земји: од исток и запад, од север и југ. Скитаа низ пустината, во пуста осаменост, не наоѓајќи пат до населен град. Беа гладни, изморени од жед, душата истоштена во нив. Тогаш извикаа на Господа во својата тешкотија, и Тој ги избави од сите неволји. Ги поведе по правиот пат, за да стигнат до населен град. Нека Го слават Господа за Неговата милост, за Неговите чудеса кон човечките синови, зашто Тој ја насити гладната душа, Тој ја наполни со добрина изгладнетата душа. Седеа во мрак и во темнина, оковани со беда и со железо, зашто ѝ се противеа на Божјата беседа и го презреа наумот на Сѐвишниот. Заради тоа им го скрши срцето со страдања, се слизнуваа, а немаше никој да им помогне. Тогаш извикаа кон Господа во својата тешкотија, и Тој ги спаси од сите неволји. Ги изведе од мрак и од темнина, ги скина нивните окови. Нека Го фалат Господа за Неговата добрина, за Неговите чудеса кон човечките синови! Зашто ја разби бронзената врата и ги скрши железните лостови. Неразумните се мачеа заради своите бунтовни патишта, поради своите безумности, се мачеа. Секое јадење ѝ се гадеше на нивната душа, дојдоа до вратата на смртта. Тогаш извикаа кон Господа, во својата беда, и Тој ги спаси од сите неволји. Го испрати Своето слово, за да ги оздрави, и за да им го спаси животот од гробната јама. Нека Го фалат Господа за Неговата добрина, за Неговите чудеса кон човечките синови! Нека принесуваат благодарни жртви, и воскликнувајќи нека ги раскажуваат Неговите дела. Тие кои забродија со бродови по морето, да тргуваат по силните води: тие ги видоа Господовите дела, Неговите чудеса во длабочните. Тој рече и буроносниот ветер се завиори, што ги крева морските бранови во височина. Се креваа до небо, се спуштаа во бездна. Душата им гинеше во неволја. Се лулаа и се слизнуваа како пијани, сета мудрост ги изневери. Тогаш извикаа кон Господа во својата тешкотија и Тој ги истрга од сите неволји. Ја смири бурата со тивко ветерче, морските бранови молкнаа. Се израдуваа на тишината, Тој ги поведе во желно пристаниште. Нека Го фалат Господа за Неговата добрина, за Неговите чудеса кон човечките синови! Нека Го возвишуваат во народното собрание, Нека Го фалат во советот на старците!