ПОСЛОВИЦИ 4:6-24
ПОСЛОВИЦИ 4:6-24 MKB
Не ја оставај, и ќе те чува; љуби ја и ќе те одбрани. Почетокот на мудроста е: придобивај мудрост за себе и со сиот свој имот придобивај разум. Величај ја и ќе те возвиши; кога ќе ја прегрнеш ќе ти донесе слава, ќе ти стави прекрасен венец на главата, и ќе ти подари славна круна.“ Послушај, сине мој, прими ги моите зборови и ќе се умножат годините на твојот живот. Те поучив на патот на мудроста, те вратив на правите патеки. Не ќе ти се заплеткаат чекорите кога ќе почнеш да одиш; ако се растрчаш, нема да се сопнеш. Држи се цврсто за поуката, не ја пуштај, пази ја, зашто таа ти е живот. Не оди по патеките на нечесните и не оди по патот на лошите. Остави го, не оди по него, отстранувај се од него и заобиколувај го, зашто тие не спијат ако не направат зло, и сонот не им иде ако не го голтнат некого. Зашто го јадат лебот на нечесноста и го пијат виното на насилништвото. А праведничката патека е како светлината на разденувањето, што е сѐ појасна до полниот ден. А патот на нечесните е како темнина, не знаат на што ќе се сопнат. Сине мој, внимавај на моите зборови, наведни го своето уво кон моите беседи; не ги губи никогаш од пред очите, пази ги среде своето срце; зашто се живот за оние кои ги наоѓаат и исцелување на сето нивно тело. А над сѐ чувај го своето срце, зашто животот извира од него. Држи ја далеку од себе лажливата уста, и оддалечувај ги од себе измамливите усни.

