МАТЕЈ 14:25-33
МАТЕЈ 14:25-33 MKB
А во четвртата ноќна стража дојде при нив, одејќи по морето. Кога Го видоа како оди по морето, учениците се исплашија и рекоа: „Тоа е привидение!“ и извикаа од страв. А Исус веднаш им прого-вори и рече: „Бидете храбри! Јас Сум! Не бојте се.“ А Петар Му одговори и рече: „Господи, ако си Ти, нареди ми да дојдам при Тебе по водата.“ Тој пак рече: „Дојди!“ И Петар слезе од коработ и одеше по водата да дојде при Исуса. Но кога го виде силниот ветер, се исплаши, почна да тоне и извика, велејќи: „Господи, спаси ме!“ А Исус веднаш ја испружи раката, го фати и му рече: „Маловерен, зошто се посомнева?“ И кога влегоа во коработ, ветрот престана. А оние, кои беа во коработ, дојдоа и Му се поклонија, велејќи: „Навистина Ти си Божји Син.“


