Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 4

4
1А Исус исполнет со Светиот Дух, се врати од Јордан, и Духот Го водеше во пустината
2четириесет дена, каде беше искушуван од ѓаволот. А во тие дни не јадеше ништо, а кога поминаа тие, Тој огладне.
3Тогаш ѓаволот Му рече: „Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.”
4А Исус му одговори: „Напишано е, дека човекот не ќе живее само со леб.”
5И го одведе на високо и Му ги покажа, во еден миг, сите царства на светот
6и Му рече ѓаволот: „Ќе ти ја дадам сета власт и нивната слава, зашто мене ми е предадена и јас ја давам кому што сакам.
7И така, ако ми се поклониш, сè ќе биде Твое.”
8А Исус одговори и му рече: „Бегај од Мене, сатано, оти е напишано: ‘Поклонувај Му се на Господа, Твојот Бог, и само Нему служи Му!’
9И Го одведе во Ерусалим и Го постави на врвот на Храмот и Му рече: „Ако си Божји Син, фрли се оттука долу,
10зашто е напишано: ‘Ќе им заповеда на Своите ангели за Тебе, да Те запазат
11и ќе Те носат на раце, за да не си ја сопнеш Твојата нога на камен.’
12Исус одговори и му рече: „Кажано е: ‘Не искушувај Го Господа, Својот Бог.’”
13И откако го заврши секое искушение, ѓаволот отстапи од Него за некое време.
14И Исус се врати, во силата на Духот, во Галилеја и гласот за Него се разнесе по целата околина.
15А Тој поучуваше по нивните синагоги и сите Го прославуваа.
16И дојде во Назарет, каде што беше пораснал; влезе во саботен ден во синагогата, според Својот обичај, и стана да чита.
17Му го подадоа книжниот свиток на пророкот Исаија и го одвитка и го најде местото каде што беше напишано:
18”Господовиот Дух е на Мене, зашто Ме помаза и Ме испрати да им проповедам на бедните; да ги исцелам скрушените по срце,
19да им навестам на заробениците, дека ќе бидат пуштени, на слепите дека ќе прогледаат; да ги пуштам на слобода напатените; и да ја навестам благопријатната Господова година.”
20Го завитка свитокот, му го врати на службеникот и седна, а очите на сите во синагогата беа свртени кон Него.
21И почна да им зборува: „Денес се исполни ова писмо, во вашите уши.
22И сите Му посведочија и им се восхитуваа на благодатните зборови, што излегуваа од Неговата уста. И велеа: „Не е ли Овој Синот Јосифов?”
23И им рече: „Секако ќе ми ја кажете пословицава: ‘Лекаре, излечи се сам!’ Направи и тука, во својот роден крај, сè што чувме дека си направил во Капернаум.”
24Тогаш им рече: „ Вистина ви велам, дека ниеден пророк не е примен во својата родина.
25Вистина ви велам - имаше многу вдовици во Израел, во времето на Илија, кога небото беше затворено три години и шест месеци и настана голема глад по целата земја;
26и при ниедна од нив не беше пратен Илија, а само при жената вдовица во Сидонската Сарепта.
27Исто имаше многу лепрозни во Израел во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не беше очистен освен Сириецот Нааман.”
28А кога го чуја тоа, сите во синагогата се наполнија со гнев
29и станаа, и Го истераа од градот, и Го одведоа до стрмнината, на која беше соѕидан нивниот град, за да Го фрлат долу.
30Но Тој помина меѓу нив и си отиде.
31И слезе во Капернаум, град во Галилеја. И ги поучуваше во сабота.
32И и се восхитуваа на Неговата наука, зашто Неговото слово беше силно.
33А во синагогата имаше човек опфатен од дух на нечист бес; тој извика со силен глас:
34”Ех, што имаме ние со Тебе - Исусе Назареецу? Дали дојде да нè упропастиш? Знам, Кој си Ти: Божји Светец.”
35А Исус го прекоруваше, велејќи: „Молкни и излези од него!” Тогаш бесот го кутна на средина и излезе од него, и ништо не му напакости.
36И сите се исплашија и си велеа еден на друг: „Какво е тоа слово, да со власт и со сила им заповеда на нечистите духови и излегуваат?”
37И се разнесе глас за Него по сите околни места.
38И стана од синагогата, влезе во Симоновиот дом. А Симоновата тешта беше опфатена од силна треска и Го помолија за неа.
39И се наведна кон неа, и запрети на треската, и таа ја остави, и стана веднаш и им служеше.
40А кога сонцето зајде, сите, кои имаа болни од разни болести ги доведоа при Него. А Тој ги положи рацете на секого од нив и ги исцели.
41И лоши духови излегуваа од мнозина и викаа, велејќи: „Ти си Божји Син.” А Тој ги прекори и не им дозволуваше да зборуваат, зашто знаеја дека Тој е Христос.
42А кога се раздени, Тој излезе и отиде на пусто место, а народот Го бараше и дојдоа до Него, и сакаа да Го задржат, за да не си отиде од нив.
43А Тој им рече: „И на другите градови треба да им го проповедам Евангелието за Божјото Царство, зашто Сум испратен за тоа.”
44И проповедаше по синагогите во земјата Јудејска.

Селектирано:

Лука 4: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност