Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛУКА 12

12
Слободно исповедување
1Во меѓувреме се собра едно многуилјадно множество, така што се газеа еден со друг; почна да им зборува првин на Своите ученици: „Пазете се од фарисејскиот квас, што е лицемерие! 2Нема ништо сокриено, што не ќе се открие; ниту тајно, што не ќе се узнае! 3Затоа, тоа што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во собите, ќе биде разгласено од покривите. 4А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, кои го убиваат телото, а потоа не можат ништо повеќе да направат! 5Но ќе ве предупредам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој - по убивањето - има власт да фрли во пеколот! Да, ви велам, бојте се од Него! 6Зар не се продаваат две врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е забо-равено пред Бога. 7А вам ви се изброени и сите влакна на главата! Не бојте се! Вие вредите повеќе од многу врапчиња. 8И ви велам: секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, и Човечкиот Син ќе го признае пред Божјите ангели; 9а кој се одрече од Мене пред луѓето, ќе биде одречен пред Божјите ангели. 10На секој, што ќе рече збор против Човечкиот Син, ќе му биде простено; но на оној, кој похули против Светиот Дух, нема да му се прости. 11И кога ќе ве одведат во синагогите и пред началствата, не грижете се како и со што ќе се браните или што ќе кажете, 12зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете!
Безумен богат. Загриженост
13Тогаш некој од народот Му рече: „Учителе, кажи му на брата ми да го подели наследството со мене!“ 14А Тој му рече: „Човеку - кој Ме поставил Мене судија или делител над вас?“ 15И им рече: „Внимавајте и чувајте се од секое користољубие, зашто животот на човекот не се состои во изобилството на неговиот имот!“ 16И им кажа и парабола, велејќи: „Нивата на еден богат човек роди многу плод. 17И размислуваше во себеси вака: ‘Што да правам, зашто немам каде да ги соберам своите плодови?’ 18И рече: ‘Вака ќе направам - ќе ги разурнам своите житници и ќе изградам поголеми, и таму ќе ги соберам сето свое жито и сите свои добра. 19Тогаш ќе ѝ речам на својата душа - душо, имаш многу блага, натрупани за многу години; почи-вај, јади, пиј и уживај!’ 20Но Бог му рече: ‘Безумниче, ноќеска ќе ти се побара твојата душа! Чие ќе биде тоа, што си го приготвил?’ 21Така бидува со оној, кој собира благо за себеси, а не се богати во Бога.“
22Уште им рече на Своите ученици: „Затоа ви велам: не грижете се за својата душа - што ќе јадете; ниту за телото свое - што ќе облечете; 23зашто душата е повеќе од храната, а телото од облеката. 24Погледнете ги гавраните како ни сејат, ни жнијат; немаат ни скривалишта, ни житници, а Бог ги храни. Колку повеќе вредите од птиците! 25А кој од вас може - грижејќи се - да му додаде еден лакот на својот раст? 26И така, ако не можете да го направите ни најмалото, зошто се грижите за другото? 27Погледнете како растат лилјаните? Тие не се трудат и не предат; а Јас ви велам дека ни Соломон, во сета своја раскош, не се облече како еден од нив. 28Ако Бог така ја облекува тревата во полето, што денес ја има, а утре ја фрлаат во печка; колку повеќе вас, маловерни? 29И така, не барајте што ќе јадете и што ќе пиете; и не се вознемирувајте со грижи! 30Сето тоа го бараат народите на светот, а вашиот Татко знае дека тоа ви е потребно. 31Туку барајте го Неговото Царство, а тоа ќе ви се придаде! 32Не бој се мало стадо, зашто вашиот Татко благоволи да ви го даде Царството. 33Продајте го својот имот и дајте го како милостина! Направете си торби, што не изветвуваат: неисцрпно сокровиште на небесата, каде крадец не се приближува, ниту молец изедува, 34зашто каде е вашето сокровиште, таму ќе биде и вашето срце.“
Секогаш подготвени и будни
35Нека ви биде препашан крстот, а светилките запалени! 36А вие бидете слични на луѓе, кои го чекаат својот господар, кога се враќа од свадба, за да му отворат веднаш, штом дојде и почука. 37Блажени се оние слуги, кои господарот ќе ги најде будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, дека ќе се препаше, ќе ги прилегне до трпезата и ќе дојде да им служи. 38И ако дојде во втората или третата стража и ги најде така, блазе им ним. 39Но, знајте го ова: кога домаќинот би знаел во кој час ќе дојде крадецот, не би дозволил да му ја поткопа куќата. 40Затоа и вие бидете готови, зашто Човечкиот Син ќе дојде во час, во кој не мислите!“
41А тогаш Петар рече: „Господи, нам ли ни ја кажуваш оваа приказна или на сите?“ 42А Господ рече: „Имено, кој е оној верен и разумен домоуправител, кого господарот ќе го постави над своите слуги, за да им дава храна на време? 43Блажен е оној слуга, кога господарот - кога дојде - ќе го најде да работи така! 44Вистина ви велам, ќе го постави над целиот свој имот. 45Но ако оној слуга рече во своето срце: ‘Мојот господар нема да дојде скоро,’ па почне да ги бие момчињата и момичињата, да јаде, да пие и да се пијани; 46господарот на тој слуга ќе дојде во ден, кога не го очекува, и во час, што не го знае, и ќе го расече и ќе ја одреди неговата судбина со неверните. 47А оној слуга, кој ја знаел волјата на својот господар, и не приготвил и не постапил според неговата волја, ќе биде многу биен. 48А оној, кој не знаел, а направил нешто што заслужува биење, ќе биде малку биен. Од секој - кому му е дадено многу - ќе се бара многу; и кому му е поверено многу, од него ќе се бара повеќе.“
49“Дојдов да фрлам оган на земјата, и колку би сакал веќе да е запален! 50Но треба да се крстам со крштавање, и колку ми е тешко додека не се изврши. 51Мислите ли дека дојдов да ѝ донесам мир на земјата? Не, ви велам, туку раздор, 52зашто отсега петмина, во една куќа, ќе бидат разделени: тројца против двајца, двајца против тројца; 53ќе се разделат: таткото против синот, и синот против таткото; мајката против ќерката, и ќерката против мајката; свекрвата против својата снаа, и снаата против свекрвата.“
54А на народот му рече: „Кога гледате дека се дига облак од запад веднаш велите: ‘Доаѓа дожд’ - и така бива. 55И кога гледате дека дува јужниот ветер, велите: ‘Ќе биде жега’- и бива. 56Лицемери! Умеете да го протолкувате лицето на небото и земјата; како тогаш не го препознавате ова време? 57А зошто сами од себе не судите што е право? 58Зашто, кога одиш со својот противник кај главатарот, погрижи се уште патем да се ослободиш од него, за да не те предаде пред судијата, а судијата да те предаде на судскиот служител, а служителот да те фрли во темница. 59Ти велам, нема да излезеш оттаму, додека не ја дадеш и последната лепта.“

Селектирано:

ЛУКА 12: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност