ЛЕВИТ 7
7
За жртва за престап
1‘Еве го законот за жртва за престап: таа е најсвета! 2Жртвата за престап нека биде заклана на местото каде ги колат жртвите паленици, а со нејзината крв свештеникот нека го испрска жртвеникот од сите страни. 3Потоа нека го принесе сиот лој од неа: опашката, лојот што ја обвива внатрешноста, 4двата бубрега и лојот што е на нив и на слабините; па мрежичката на црниот дроб: нека ја извади и неа со бубрезите! 5Свештеникот нека ги изгори на жртвеникот како жртва палена на Господа. Тоа е жртва за престап. 6Секое машко од свештеничкиот род може да јаде од неа. Нека се јаде на свето место - најсвета е! 7Каква е жртвата за грев, таква е и жртвата за престап, еден е законот за нив: таа му припаѓа на свештеникот, кој врши покривање на гревот со неа. 8Исто така кожата од жртвата што некој ќе му ја предаде на свештеникот, за да биде принесена како жртва паленица, нека му припадне на свештеникот. 9Натаму, секој лебен принос што ќе биде печен во печка како и секој што ќе биде зготвен во грне или во сад за пржење, нека му припадне на свештеникот кој го принесува. 10А секој лебен принос, замесен со масло или насуво, нека им припадне на сите Аронови синови, на еднаков дел!’
За помирителна жртва
11‘Ова е законот за помирителната жртва што ќе Му биде принесувана на Господа. 12Ако се принесува за благодарност, заедно со жртвата благодарница нека бидат принесени бесквасни погачи замесени со масло; бесквасни кори намачкани со масло и колачиња од чисто брашно, замесени со масло. 13Овој принос, надополнет со колачиња од заквасено тесто, нека се принесува заедно со помирителната жртва за благодарност. 14Од секоја ваква жртва нека Му се принесе по еден возвишен принос на Господа. Тоа нека биде за свештеникот што ја прска крвта од помирителната жртва. 15А месото од помирницата нека биде изедено во истиот ден кога ќе биде жртвувана; од неа нека не се остава ништо за следното утро. 16А ако биде приносот: жртва заветница или доброволен принос нека биде изедена на денот кога жртвата се принесува. Што ќе остане од неа, нека биде јадено следното утро. 17А што ќе остане уште од месото на жртвата, нека биде изгорено врз оган на третиот ден. 18Ако некој јаде месо од помирителната жртва на третиот ден, жртвата нема да биде примена, ниту ќе му се засмета на оној кој ја принесува. Таа жртва е онечистена, и оној што ќе јаде од неа, ќе понесе грев врз себе!’
19‘Месото што ќе се допре до што и да е нечисто, нека не се јаде, туку да биде изгорено на оган! Инаку кој е чист, може да јаде чисто месо. 20А кој би јал нечисто од месото на помирителната жртва, што Му беше принесена на Господа, да биде истребена таа душа од својот народ. 21Кога некој ќе се допре до што и да е нечисто - било тоа да е човечка нечистота, некакво нечисто животно или каква и да е нечиста гадинка или какво и да е нечисто суштество - па изеде месо од помирница, што Му е принесена на Господа, таквиот нека биде откорнат од својот народ!’“
22Господ му рече на Мојсеја: 23„Речи им на Израелевите синови вака: ‘Не јадете лој ни волски, ни овчи, ни козји. 24Лојот од животно што ќе пцовиса, или што дивите ѕверови ќе го раскинат, може да биде употребено за што и да е, но не смеете да го јадете. 25Секој што јаде лој од животно, што може да Му биде принесено на Господа како паленица, таквиот нека биде откорнат од својот народ. 26Не смеете да јадете крв ни од птици ни од добиток, ниту во едно од вашите живеалишта. 27Секој што би јал било каква крв, нека биде откорнат од својот народ.’“
Свештенички дел
28Господ му рече уште на Мојсеја: 29„Кажи им на Израелевите синови: ‘Приносот на Господа од помирителната жртва треба да ја донесе оној кој Му ја принесува на Господа помирницата. 30Со своите сопствени раце нека Му ја принесе на Господа жртвата паленица; нека ги принесе лојот и градите; градите да бидат вртени пред Господа. 31Свештеникот нека го изгори лојот на жртвеникот, а градите нека им припаднат на Арона и на неговите синови. 32Десната плешка од вашите помирителни жртви дајте му ја дар на свештеникот. 33На оној Аронов син кој ќе ги принесува крвта и лојот од помирителната жртва нека му припадне во дел десната плешка. 34Зашто Јас ги земам од Израелевите синови од нивните помирници: вртените гради и воздигнатите плешки, па им ги предавам на Арона и на неговите синови, како вечен закон од Израелевите синови.’“ 35Ова е приход на Арона и на неговите синови од жртвите палени во чест на Господа; им се доделуваат од оној ден, кога започнуваат да служат како свештеници пред Господа. 36Господ заповеда да им се дава тоа, од денот кога ќе бидат помазани, како награда од Израелците. Тоа е трајна одредба за нивните поколенија.
37Тоа е закон за жртвата паленица, за лебниот принос, за приносот за грев, за приносот за престап, за жртвата за посветување и за помирителната жртва, 38што Господ му го даде на Мојсеја на Синајската Гора, кога им заповеда на Израелевите синови да Му принесуваат жртви на Господа во Синајската Пустина.
Селектирано:
ЛЕВИТ 7: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.