Лого на YouVersion
Икона за пребарување

П.Еремиин 1

1
1Како седи осамена престолнината, некогаш полна со народ; стана како вдовица, некогаш голема меѓу народите. Владетелката над покраините, сега поданичка.
2Ноќите ги поминува плачејќи горко, со солзите ги покрива образите. Нема никого да ја утеши, од сите кои ја љубеа. Сите пријатели ја изневерија и и станаа непријатели.
3Протеран е Јуда, во неволја е и на тешко заточение. Сега живее меѓу многубожците, не наоѓа починка. Сите гонители ја достигаат во теснините.
4Сионските патишта тагуваат, зашто никој не доаѓа на прослави. Сите врати се разурнати, свештениците воздивнуваат, расплакани се неговите девици, а тој е полн со горчило.
5Сега господарат неговите угнетувачи, непријателите ликуваат: Господ го ражалости заради неговите премногу гревови. Децата му отидоа на заточение пред угнетувачот.
6Се повлече од Сионската Ќерка сета нејзина слава. Кнезовите и станаа како елени, кои не наоѓаат пасиште, немоќно одат тие пред гонителите.
7Ерусалим си спомнува за деновите на бедата и скитањето, кога народот му падна во рацете на непријателот, а никој не му даде помош. Угнетувачите го гледаа смеејќи се на неговата пропаст.
8Ерусалим згреши тешко, стана како женината нечистота. Сите што го почитуваа, сега го презираат: зашто ја видоа неговата голота. Тој само плаче и се свртува назад.
9Скутовите му се извалкани, ни не сонуваше што го чека. Длабоко падна, а никој да го теши. „Погледај ја Господи, мојата неволја: зашто непријателот ликува.”
10Непријателот посега со раката кон сите негови скапоцености. Гледаше како многубожците навлегуваат во неговото светилиште, оние на кои им го забрани и пристапот во Својот собир.
11Сиот Негов народ воздивнува барајќи леб; сите даваат бесценети камења за храна, за да живнат повторно. Ете, Господи, погледај, зашто сум презрен!
12Сите вие, кои поминувате по патот, погледајте и видете има ли болка каква што е болката со која сум погоден јас, со која Господ ме удри во денот на Својот жесток гнев!
13Пушти оган од висината, го втера во моите коски. Пред ногата ми оптегна мрежа и така ме обори назад; ме растажи, ме ожалости за сите времиња.
14Ме натовари со моите гревови, ги пристегна со Својата рака; ми ги навали врз вратот, ми ја одзеде силата. Господ ме предаде во нивните раце, не можам да се исправам.
15Господ ги отфрли сите јунаци од мојата средина: го свика собранието против мене, за да ги уништи моите млади луѓе. Господ ме изгази во каца, девицата, Јудината ќерка.
16Затоа треба да плачам, очите ми леат солзи, зашто е далеку од мене мојот утешител, за да ми го поврати духот. Моите синови се поразени, премногу силен беше непријателот.
17Сион ја испружува раката, му нема утешител. Господ против Јакова повикува угнетувачи од сите страни; и така Ерусалим стана страшило меѓу нив.
18Господ, Тој е праведен: зашто му се спротивставив на Неговиот збор. Ох, чујте сите народи, гледајте ја мојата болка: мои девици, мои млади луѓе, сите отидоа во прогонство!
19Ги повикав сите свои пријатели, но тие ме измамија. Моите свештеници и старешините загинаа во градот барајќи храна, за да живнат повторно.
20Погледај, Господи, во каква тешкотија сум, мојата утроба трепери, срцето ми се згрчува во градите, зашто јас упорно ти се противев! Надвор мечот ги покоси моите синови, а внатре смрт.
21Чуј како стенкам: ми нема утешител! Сите непријатели чуја за мојата несреќа и ликуваат зашто го направи тоа! Дај да дојде денот што си го објавил, за да им биде ним како мене.
22Сето нивно зло нека се покаже пред Твоето лице, а тогаш постапувај со нив како што си постапил со мене за сите мои гревови! Зашто само воздивнувам, а моето срце тагува.

Селектирано:

П.Еремиин 1: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност