За сите настани чуја сите цареви од онаа страна на Јордан во Горјето, во Шефел и вдолж на целиот брег на Големото Море, сѐ до Ливан: Хетејците, Аморејците, Ханаанците, Ферезејците, Евејците и Евусејците - па сите се здружија за да удрат сложно против Исуса и Израела.
А жителите на Гаваон, поучени од она што Исус му направи на Ерихон и Гај, се присетија на итрина. Почнаа да се преправаат дека се патници: фрлија стари вреќи и вински мевови, искинати и закрпени на своите ослиња, Обуја на нозете употребувани и закрпени обувки и облекоа на себе стара облека. Сиот леб што го носеа со себе беше сув и мувлосан. Стигнаа кај Исуса во галгалскиот логор и им рекоа: нему и на луѓето Израелци: „Доаѓаме од далечна земја, склучите сојуз со нас.“ Но луѓето Израелци им рекоа на тие Евејци: „Кој знае дали не живеете можеби меѓу нас? И така, како ќе склучиме сојуз со вас?“ А тие му одговорија на Исуса: „Твои слуги сме!“ Исус ги праша: „Кои сте и од каде доаѓате?“ Одговорија: „Далеку е земјата од која доаѓаат твоите слуги во името на Господа, твојот Бог: чувме за Неговата слава и за сѐ што му стори на Египет, и за она што им направи на двајцата аморејски цареви, кои владееја од онаа страна на Јордан - на Сион, цар есевонски, и на Ог, цар васански во Астарот. Тогаш нашите старешини, на сите во нашата земја, ни рекоа: ‘Снабдете се со храна за пат, тргнете им во пресрет и речете им: „Ваши слуги сме, и така склучите сојуз со нас.“‘ Еве го нашиот леб: топол го зедовме за по пат од своите куќи кога тргнавме кон вас, а еве, сега е сув и мувлосан. А ова се вински мевови: ги налеавме нови, па еве, веќе се искинати; и нашите облеки и нашите обувки веќе се остарени од далечниот пат.“ И луѓето им поверуваа по снабденоста за пат, не прашувајќи го Господа што ќе им рече. Исус склучи мир со нив, и склучи сојуз со нив дека ќе ги поштеди. И главатарите се заколнаа на тоа.