ЈОВ 36
36
Г. Патиштата на Божјата правда се неистражливи
1Елиу продолжи и рече: 2„Стрпи се, малку, па ќе те поучам, зашто уште не дореков сѐ за Бога. 3Своето знаење ќе го изнесам оддалеку, да Го оправдам својот Создавач. 4Навистина, моите зборови не знаат за лага, пред тебе е човек совршен во знаење. 5Ете, Бог е силен, но не презира, моќен е со силата на Својот разум. 6Тој не остава да живее нечесниот, им набавува правда на страдалниците. 7Тој не ги симнува очите од праведните, ги крева на престоли, покрај царевите, за да бидат возвишени довека. 8Ако се тие оковани во вериги и сопнати со јажињата на неволјата, 9Тој им ги напомнува нивните дела, им го кажува гревот на нивната гордост. 10Тогаш им го отвора увото за опомена и ги призовува да се отстранат од злото. 11Ако послушаат и Му се покорат, нивните денови завршуваат во благопријатност, нивните години во радост; 12ако пак не слушаат, умираат од копје, заглавуваат, незнаејќи ни самите како. 13А нечесните срца негуваат омраза, не бараат помош, кога Тој ги врзува во окови; 14умираат во цветот на своето детство и животот им завршува меѓу содомците. 15Тој го спасува страдалникот преку неговата беда и му ги отвора очите во несреќа. 16Ќе те избави од грлото на теснината, ќе те изведе кон безграничните пространства, кон стол преполн со месо. 17Но ти си го исполнил судот на безбожниците суд и осудување ќе те постигне. 18Отсега нека не те заведува изобилството и нека не те расипе пребогатиот дар. 19Богатиот нека ти биде како човек без злато, а човекот со силна рака како слабиот. 20Не ги гони оние што ти се туѓи, за да ги ставиш роднините на нивното место. 21Внимавај да не свртиш кон неправдата, зошто заради неа те најде искушението. 22Ете, Бог е возвишен во Својата сила! Зар има учители како Него? 23Кој Му Го одреди Нему Неговиот пат? Кој ќе Му рече: „Работеше криво?“ 24Спомни си да го величаш Неговото дело што луѓето го опеаја со песни: 25Целиот свет го набљудува со восхитување, човекот се восхитува, макар оддалеку. 26Бог е поголем отколку што можеме да сфатиме. неодолив е бројот на Неговите години! 27Тој ги собира водните капки во височина и го претвора дождот во пареа и магла. 28Тогаш поројни дождови плискаат од облаците и се изливаат врз луѓето. 29Кој ќе го сфати ширењето на облаците, страшниот татнеж на Неговите шатори? 30Ете, Тој ја распростира светлината над Себе и го покрива морското дно со води. 31Тој ги суди народите преку нив, ги дарува со изобилна храна. 32Тој ја држи молњата со двете раце и ѝ кажува каде да удри. 33Со громов глас се навестува Себеси, стигнува со гнев да ја разгроми нечесноста.
Селектирано:
ЈОВ 36: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.