Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 8

8
1Исус отиде на Маслиновата Гора.
2А рано наутро пак дојде во Храмот; и сиот народ доаѓаше при Него. Тој седна и ги поучуваше.
3Тогаш книжниците и фарисеите доведоа една жена, фатена во прељуба, откако ја поставија насредина,
4Му рекоа: „Учителе, женава е фатена во самото дело на прељуба.
5А Мојсеј ни нареди во Законот да ги убиваме со камења таквите; а Ти што велиш?”
6Тоа го рекоа за да Го искушаат, за да имаат за што да Го обвинат. А Исус се наведна и пишуваше со прстот по земјата.
7Но бидејќи и натаму Го прашуваа, се исправи и им рече: „Кој е од вас безгрешен, нека прв фрли камен врз неа!”
8И пак се наведна и пишуваше по земјата.
9А тие, кога го чуја тоа, бидејќи совеста ги убеди, излегуваа еден по еден, почнувајќи од најстарите до последните. И Исус остана Сам со жената, која стоеше насреде.
10Исус се исправи и и рече: „Жено, каде се? Ниеден ли не те осуди?”
11Таа одговори: „Ниеден, Господи.” Исус рече: „Ни Јас не те осудувам, оди си и отсега не греши веќе.”
12Исус пак прозбори натаму, велејќи: „Јас Сум Светлината на светот; кој Ме следи, нема да оди во темнина, туку ќе ја има Светлината на Животот.”
13Затоа фарисеите Му рекоа: „Ти сведочиш Сам за Себе Твоето сведоштво не е вистинско.”
14Исус во одговор им рече: „Иако сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинско, зашто знам од каде дојдов и каде одам, а вие не знаете од каде дојдов и каде одам.
15Вие судите според телото; Јас не му судам никому.
16И ако и судам Мојот суд е вистински, зашто не Сум Сам, туку - Јас и Мојот Татко, Кој Ме прати.
17И во вашиот закон пишува дека сведоштвото на двајца луѓе е вистинско.
18Јас сведочам за Себе и Мојот Татко, Кој Ме прати, сведочи за Мене.”
19Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Татко?” Исус одговори: „Не Ме познавате ни Мене ни Мојот Татко; ако Ме познававте Мене, ќе Го познававте и Мојот Татко.”
20Овие зборови ги кажа, при ризницата, кога поучуваше во Храмот; и никој не Го фати, зашто уште не беше дошол Неговиот час.
21И Исус им рече пак: „Јас си одам и ќе Ме барате, и ќе умрете во својот грев. Каде одам Јас - вие не можете да дојдете.”
22Затоа Јудејците рекоа: „Да не се самоубие, зашто вели: ‘Каде одам Јас - вие не можете да дојдете?’”
23Им рече уште: „Вие сте од долу, Јас Сум одозгора; вие сте од светов, Јас не Сум од светов.
24Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; зашто ако не поверувате дека Сум Јас, ќе умрете во своите гревови.”
25Тогаш Го прашаа: „Кој си Ти?” Исус им рече: „Имено тоа, кое ви зборувам од почетокот.
26Имам многу да зборувам и да судам за вас; но вистински е Оној, Кој Ме испрати, и Јас му го кажувам на светот, она, што сум го чул од Него.”
27Не сфатија дека им зборува за Таткото.
28Затоа Исус им рече: „Кога ќе Го издигнете Човечкиот Син, тогаш ќе сознаете дека тоа Сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе, туку дека зборувам она што Татко Ми Ме научи.
29Оној, Кој ме прати, е со Мене; не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно.”
30Кога го зборуваше тоа, мнозина поверуваа во Него.
31Затоа Исус им рече на Јудејците, кои Му поверуваа: „Ако пребивате во Моето слово, навистина сте Мои ученици;
32и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.”
33Му одговорија: „Ние сме Авраамово потомство и никогаш никому не сме му робувале; како велиш Ти: ‘Ќе бидете слободни?’
34Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам, дека секој кој прави грев, роб му е на гревот.
35А робот не останува дома довека; Синот останува довека.
36И така, ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.
37Знам дека сте Авраамово потомство; но пак барате да Ме убиете, зашто Моето слово нема место во вас.
38Јас го зборувам тоа што сум го видел кај Татко Ми. Исто и вие правите што сте чуле од вашиот татко.”
39Му одговорија и рекоа: „Наш татко е Авраам.” Исус им рече: „Ако бевте Авраамови чеда, ќе ги вршевте Авраамовите дела.
40А сега сакате да Ме убиете Мене, Човекот, Кој ви ја кажа вистината, што ја чув од Бога. Авраам не направи така.
41Вие ги вршите делата на татка си.” Ние не сме родени од блудство; имаме еден Татко - Бог.”
42Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Татко, ќе Ме љубевте Мене; зашто Јас од Бога излегов и дојдов; и не дојдов Сам од Себе, туку Тој Ме прати.
43Зошто не го разбирате Моето зборување? Затоа што не можете да ја слушате Мојата наука.
44Вие потекнувате од вашиот татко - ѓаволот, и сакате да ги исполнувате желбите на татка си. Тој беше човекоубиец од почеток и не остана во вистината, зашто нема вистина во него. Кога зборува лага, зборува од своето, зашто е лажец и татко на лагата.
45Не Ми верувате Мене, зашто ви ја зборувам вистината.
46Кој од вас Ме обвинува за грев? Ако ја зборувам вистината, зошто не Ми верувате?
47Кој е од Бога, ги слуша Божјите зборови; затоа вие не ги слушате, зашто не сте од Бога.”
48Јудејците Му одговорија и рекоа: „Не зборуваме ли ние право, дека Ти си Самарјанец и дека имаш бес?”
49Исус одговори: „Јас немам бес, туку Го почитувам Мојот Татко, а вие Ме срамите.
50Јас не ја барам Мојата Слава; има Кој бара и суди.
51Вистина, вистина ви велам, ако некој го запази Моето слово, нема да види смрт довека.”
52Јудејците Му рекоа: „Сега знаеме, дека имаш нечист дух во Тебе. Авраам почина, и пророците исто, а Ти велиш: ‘Ако некој го запази Моето слово, нема да ја вкуси смртта довека.’
53Зар си Ти поголем од нашиот татко Авраам - кој умре? И пророците умреа. За кого се претставуваш Ти Самиот?”
54Исус одговори: „Ако Јас се прославувам Самиот Себе, Мојата слава е ништо; Мене Ме слави Мојот Татко, за Кого вие велите дека е ваш Бог.
55Вие не Го запознавте, а Јас Го познавам. И ако речам дека не Го познавам, ќе бидам лажец како и вас; но Јас Го познавам и го пазам Неговото слово.
56Авраам, вашиот татко, се радуваше да го види Мојот ден, и го виде и се зарадува.”
57Јудејците Му рекоа: „Уште немаш педесет години, и Авраама си го видел?”
58Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас Сум, пред да се родил Авраам.”
59Тогаш кренаа камења, за да ги фрлат на Него; но Исус се скри и излезе од Храмот.

Селектирано:

Јован 8: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност