Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Битие (1 Moj.) 41

41
1По две години, фараонот сонуваше дека стои покрај реката Нил.
2Од Нил излегоа седум убави и дебели крави; и пасеа низ трските.
3Но веднаш по нив излегоа други седум, грди и слаби крави, и застанаа покрај оние крави, на брегот на Нил.
4Грдите и слабите крави ги изедоа убавите и дебелите, а тогаш фараонот се разбуди.
5Пак заспа и виде друг сон: седум полни и крупни класови израснаа од едно стебленце.
6Но, ете, по нив израснаа седум слаби класови, изгорени од источниот ветер.
7Празните класови ги голтнаа седумте крупни и полни класови. И фараонот се разбуди, и ете: тоа беше сон.
8Утрото, фараонот беше смутен во духот, па ги повика сите египетски волшебници и мудреци: им ги раскажа фараонот своите соништа, но никој не можеше да ги протолкува.
9Тогаш главниот фараонов виноцрпец проговори: „Треба денес да си спомнам за еден свој пропуст.
10Еднаш, кога фараонот се налути на своите службеници, на мене и на главниот лебопекар, нè стави во темницата на началникот на телохранителите.
11Сонувавме сон во истата ноќ, и јас и тој, но секој од нас виде сон со друго значење.
12Тогаш со нас беше некој млад Евреин, слуга на заповедникот на стражата. Му ги раскажавме нему своите соништа, а тој ни ги протолкува: на секој му го кажа значењето на неговиот сон.
13Како што ни ги протолкува, така и ни се случи: мене ме вратија на моето место, а оној го обесија.”
14Фараонот веднаш испрати по Јосифа; го извлекоа набрзина од темницата; му ја истригаа косата, го облекоа во ново облекло, и тој стапи пред фараонот.
15Тогаш фараонот му рече на Јосифа: „Сонував сон, но никој не може да го протолкува, чув за тебе дека можеш да го протолкуваш сонот, штом ќе го чуеш.”
16„Јас не можам ништо - му одговори Јосиф на фараонот - туку Бог ќе му даде вистински одговор на фараонот.”
17Тогаш фараонот му раскажа на Јосифа: „Во својот сон стоев на брегот на Нил.
18И ете! Седум дебели и убави крави излегоа од Нил, пасеа низ трските.
19По нив излегоа седум други крави, беа слаби, многу грозни, костенливи, никогаш не видов толку грди крави во целата Египетска Земја!
20И седумте слаби и грозни крави ги изедоа првите седум дебели крави.
21Па иако ги проголтаа, не се гледаше дека имаат нешто во утробата: беа грозни како и порано. Тогаш се разбудив.
22Потоа видов на сон како на едно стебленце израснаа седум полни и убави класови.
23Но после нив израснаа седум згрчени, празни, класови, опалени од источен ветер.
24И слабите класови ги изедоа седумте полни класови. Ова им го раскажав и на вражалците, но нема никој да ми објасни.”
25Тогаш Јосиф му рече на фараонот: „Фараоновиот сон е само еден: Бог му јавува на фараонот што сака да направи.
26Седумте убави крави, тоа се седум години; седумте убави класови пак се седум години. Тоа е само еден сон.
27Седумте слаби и грозни крави по нив, а исто така и седумте празни, од источник опалени, класови, означуваат седум гладни години.
28Тоа е она што веќе му го реков на фараонот: Бог му јавува на фараонот што сака да направи.
29Ете, настапуваат седум години на големо изобилство во сета Египетска Земја.
30А по нив ќе дојдат седум гладни години, кога ќе се заборави сето изобилство во Египетската Земја.
31Кога гладот ќе пустее низ земјата, не ќе се знае ни дека имало изобилство во земјата - заради гладот што ќе дојде - зашто ќе биде многу голем.
32А тоа што фараоновиот сон се повтори, значи дека Бог навистина се одлучи за тоа и дека наскоро ќе го спроведе.
33Затоа фараонот нека избере способен и мудар човек и нека го постави над Египетската Земја.
34Натаму, фараонот нека се погрижи да постави надгледувачи во земјата, што ќе собираат една петинка од сета жетва во Египетската Земја во седумте години на изобилството.
35Нека собираат од секого жито, во седумте добри години, што доаѓаат; нека, со фараоново овластување, собираат жито за храна и нека го чуваат во градовите.
36Собраниот вишок нека служи за исхрана во земјата во седумте години на глад, што ќе ја снајде Египетската Земја, така што земјата да не пропадне од гладот.”
37Им се допадна одговорот на фараонот и на сите негови службеници.
38Затоа фараонот им рече на своите службеници: „Зар можеме да најдеме друг човек како што е овој, во кого е Божјиот Дух?”
39А тогаш фараонот му рече на Јосифа: „Откако Бог ти го откри сè тоа тебе, нема никој способен и мудар како што си ти.
40Ти ќе бидеш управител на мојот дворец: сиот мој народ ќе им се покорува на твоите наредби. Единствено со престолот јас ќе бидам поголем од тебе.
41Еве, те поставувам - му рече фараонот на Јосифа - над целата Египетска Земја.”
42Потоа фараонот го извади печатниот прстен од својата рака и го стави на Јосифовата рака. И го облече Јосифа во облека од најубава ткаеница, а околу вратот му обеси златна огрлица.
43Тој се возеше на кола, како негов заменик, а пред него викаа: „На колена!” Така го постави над целата Египетска Земја.
44Уште фараонот му рече на Јосифа: „Иако сум јас фараон, никој нема да ги помрдне своите раце ни нозе без твое одобрение во целата Египетска Земја.
45Фараонот го нарече Јосифа „Сафнат Панеах” и му ја даде за жена Асенета, ќерката на Поти Фер, свештеник во Он. И Јосиф тргна по целата Египетска Земја.
46Јосиф беше на триесет години кога стапи во служба на фараонот, египетскиот цар. А откако отиде од пред фараонот, Јосиф патуваше низ целата Египетска Земја.
47Во седумте плодни години, земјата раѓаше во изобилство;
48во тие седум години што Египетската Земја ги уживаше - тој собираше од разните полски приходи и храната ја чуваше во градовите, сместувајќи ја во секој град жетвата од околните полиња.
49Така Јосиф натрупа многу жито, како песок во морето, па прекрати да го мери, зашто беше без мерка.
50Додека уште не настапија гладните години, на Јосифа му се родија два сина, кои му ги роди Асенета, ќерката на Поти Фер, свештеник во Он.
51На првороденецот Јосиф му го даде името Манасиј, „зашто Бог - рече - направи да ги заборавам своите тешкотии и својот татков дом.”
52На вториот му го даде името Ефраим, „зашто Бог - рече - ме направи плоден во земјата на мојата неволја.”
53Седумте години на изобилство, што ги уживаше Египетската Земја, дојдоа до крај,
54а се приближија седумте гладни години, како што прорече Јосиф. Во сите земји беше глад, а во целата Египетска Земја имаше леб.
55А кога и целата Египетска Земја почувствува глад, луѓето извикаа кон фараонот за леб; а фараонот им рече на сите Египетци: „Одете при Јосифа, и што ќе ви рече, правете!”
56Кога гладот се прошири низ целата земја, Јосиф ги отвори житниците, па ги снабдуваше Египетците со жито, зашто гладот стана голем и во Египетската Земја.
57Од сите земји доаѓаа во Египет, при Јосифа, да купуваат жито, зашто гладот се засили по целиот свет.

Селектирано:

Битие (1 Moj.) 41: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност