БИТИЕ 2:8-17
БИТИЕ 2:8-17 MKB
И Господ, Бог, насади градина на исток, во Еден, и таму го смести човекот, кого го обликува. Тогаш Господ, Бог, направи та од земјата изникна секое дрво - убаво за погледот и добро за храна - и дрвото на животот, среде градината, и дрвото за познавање на добро и зло. Река извираше од Еден за да ја натопува градината; оттаму беше раздвоена, и настанаа четири главни реки. Името на првата е Фисон, а ја обиколува целата Евилска Земја, во која има злато. Златото на таа земја е добро, а има таму и бделиј и ониксов камен. Името на втората река е Гион, а ја обиколува целата земја Хус. Третата река е Тигар, а тече на исток од Асирија; четвртата река е Еуфрат. Господ, Бог, го зеде човекот и го постави во Еденската Градина, за да ја обработува и да ја чува. Господ, Бог, му заповеда на човекот, велејќи: „Јади слободно од секое дрво во градината, но да не јадеш од дрвото за познавање на доброто и злото! Во денот кога јадеш од него, навистина ќе умреш!“


