Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕЗРА 1

1
ПРВО ВРАЌАЊЕ ВО ВЕТЕНА ЗЕМЈА
1:1-2:70
А. Киров Указ
1Во првата година на персискиот цар Кир, за да се исполни Господовиот збор, објавен преку Еремиевата уста, Господ го вдахнови персискиот цар Кир, та тој објави, усно и писмено, низ целото свое царство: 2„Вака вели персискиот цар Кир: Сите земни царства ми ги даде Господ, небесниот Бог. Тој ми нареди да Му изградам дом во Ерусалим, во Јудеја. 3Кој е меѓу вас од сиот Негов народ, неговиот Бог нека биде со него! Нека оди во Ерусалим во Јудеја, и нека Му гради Дом на Господа, на Израелевиот Бог, на Бога Кој е во Ерусалим. 4И каде уште да се задржал Остаток од тој народ, жителите во местото каде што престојува нека го помогнат со сребро и злато, со имот и добиток и со доброволни приноси за Божјиот Дом во Ерусалим.“
Б. Подготовки за враќање
5Тогаш главатарите на татковските домови на Јуда и Венијамин, свештениците и левитите, и сите на кои Бог им го подигна духот, станаа и тргнаа да го градат Господовиот Дом во Ерусалим. 6И сите соседи им помагаа: со сребро, злато, со дарови, со добиток, со многу скапоцености, покрај сѐ што приложуваа доброволно. 7Царот им ги изнесе посатките на Господовиот Дом, кои Навуходоносор ги беше однесол од Ерусалим и ги ставил во домот на својот Бог. 8Персискиот цар, му ги врачи на ризничарот Митридат, кој му ги изброја на јудејскиот кнез Сасавасар. 9Еве го неговиот попис: златни чинии: триесет; сребрени чинии: илјада и дваесет и девет; 10златни чаши: триесет; сребрени чаши: четири стотини и десет; други посатки: илјада. 11Вкупно златни и сребрени посатки: пет илјади и четири стотини. Сасавасар го однесе сѐ тоа, кога заточениците се враќаа од Вавилон во Ерусалим.

Селектирано:

ЕЗРА 1: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност