ЕЗЕКИЕЛ 34
34
Б. Пророштво за Израелеви пастири
1. Обвинение против неверни пастири
1И ми дојде Господово слово: 2“Човечки сине, пророкувај против Израелевите пастири, пророкувај им и речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Тешко им на Израелевите пастири кои се пасат сами себеси! Не треба ли пастирите да го пасат стадото? 3Се храните со млеко, се облекувате со волна, колете дебели овни, а не ги пасете стадата. 4Не ги поткрепувате немоќните, не ги лечите болните, не ги преврзувате ранетите, не ги доведувате назад заскитаните, не ги барате загубените, туку господарите со нив насилно и свирепо. 5И така овците се распрснаа немајќи пастири и распрснати, им станаа плен на ѕверовите. 6Овците скитаат по сите гори и по високите брегови; Моите овци се распрснати по сета земја, и никој не прашува за нив, нема никој да ги бара.“
7Затоа, пастири, чујте го Господовото слово: 8“Животот Ми Мој, говори Господ Бог: затоа што моите овци им станаа плен и храна на ѕверовите, немајќи пастир, додека Моите пастири не ги бараа Моите овци, туку се пасат самите себе, а не го пасат Моето стадо“ - 9затоа, пастири, чујте го Господовото слово: 10Господ Бог зборува вака: „Еве Ме против пастирите! Ќе ги барам Своите овци од нивните раце, и не ќе им дадам веќе да Ми го пасат стадото ниту самите себе да се пасат: ќе ги истргам овците од нивната уста, не ќе имаат веќе храна.“
2. Господ - Пастир на овци
11Зашто вака зборува Господ Бог: Еве ме, Самиот ќе ги побарам Моите овци и Самиот ќе ги пасам! 12Како што пастирот се грижи за своите овци кога ќе се најде покрај распрснатото стадо, и Јас ќе се погрижам за Моите овци и ќе ги соберам од сите места во кои што се распрснаа во денот на облак и мрак. 13Ќе ги изведам од народите, ќе ги соберам од земјите и ќе ги доведам во нивната земја за да ги пасам по Израелевите гори, по сите речни долини и по сите населени места во нивната земја. 14Ќе ги пасам по прекрасни пасишта, трлата ќе им бидат на високите Израелеви гори; таму ќе одмараат во добри овчарници и ќе пасат по сочни пасишта, по Израелевите гори. 15Самиот ќе ги пасам Своите овци и Самиот ќе им дадам починка - зборува Господ Бог. 16Ќе ја побарам загубената, ќе ја доведам назад заскитаната, ќе ја преврзам ранетата и ќе ја поткрепам немоќната, ќе бдеам над дебелата и силната - ќе ги пасам праведно.“
3. Господ ќе суди меѓу овца и овца
17А вам, овци Мои, Господ Бог ви зборува вака: „Еве Ме за да судам меѓу овца и овца, меѓу овните и јарците! 18Зар ви е малку да пасете на добро пасиште, та остатокот од пасењето го газите со нозете? 19А Моите овци треба да го пасат тоа што вие го изгазивте со нозете, да го пијат тоа, што го замативте со нозете.“
20Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве Ме за да судам меѓу дебелата и слабата овца! 21Зашто со страните и со плеќите, бодејќи со роговите, ги туркавте мршавите овци додека не ги истуркавте. 22Јас ќе ги избавам Моите овци, за да не бидат веќе плен, и ќе судам меѓу овца и овца.
4. Месија - нов Пастир
23Ќе им поставам еден Пастир, кој ќе ги пасе, Мојот слуга Давид; Тој самиот ќе ги пасе и ќе им биде Пастир, 24а Јас, Господ, ќе бидам нивни Бог, и Мојот слуга Давид ќе им биде Кнез посред нив. Јас, Господ реков!
5. Завет на мир
25И ќе склучам со нив Завет на мир, и ќе ги отстранам од земјата сите диви ѕверови, и ќе живеат мирно во пустината и ќе спијат по горите. 26Ќе ги направам благослов нив и сите околу Мојот Рид и ќе им дадам дожд на време, и тоа ќе биде дожд на благослов. 27И полските дрва ќе донесуваат плодови, а земјата ќе го даде својот род. И тие ќе живеат мирно во Својата земја, и ќе знаат дека Јас сум Господ, кога ќе ги скршам жезлите на нивниот јарем и кога ќе ги избавам од рацете на оние што ги поробија. 28И не ќе бидат веќе плен на народите, а ѕверовите веќе не ќе ги јадат лакомо, туку ќе живеат мирно, и никој не ќе ги плаши. 29И ќе направам да станат бујни нивните славни садници, и гладот веќе не ќе ги сотира во земјата, веќе не ќе го поднесуваат срамот на народите. 30И ќе знаат дека Јас Сум Господ, нивниот Бог со нив, и дека тие се Израелевиот дом, Мој народ - говори Господ Бог.’“ 31Вие, овци Мои, вие сте стадо на Моето паство, вие луѓето; а Јас Сум ваш Бог - говори Господ Бог.’“
Селектирано:
ЕЗЕКИЕЛ 34: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.