Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 2

2
Мојсеј - Избавител
1Некој си човек од Левиевото колено отиде и се ожени со девојка Левијка. 2Жената зачна и роди син. Откако виде колку е красен, го криеше три месеци. 3Кога не можеше веќе да го крие, набави кошница од папирусова трска, ја намачка со смола и катран, го стави детето во неа и го положи во трските на брегот на Реката. 4Неговата сестра застана подалеку, да види што ќе биде со него. 5Фараоновата ќерка слезе до Реката да се капи, додека нејзините слугинки шетаа по брегот на Реката. Таа ја забележа кошницата во трските, па ја испрати слугинката да ја донесе. 6Ја отвори и погледа, а тоа во неа: дете! Машко чедо. Плачеше. Таа му се сожали. „Тоа ќе е еврејско дете“, рече. 7Тогаш неговата сестра ѝ рече на фараоновата ќерка: „Сакаш ли да побарам доилка меѓу Еврејките, да ти го дои детето?“ 8„Оди!“ ѝ одговори фараоновата ќерка. Така девојката отиде и ја повика мајката на детето. 9„Земи го детево - ѝ рече фараоновата ќерка - и одгледај ми го, а јас ќе те платам.“ 10Кога детето порасте, таа го доведе при фараоновата ќерка, која го посини. Му го даде името Мојсеј, „зашто го извадив - рече - од вода.“
11Еден ден, кога Мојсеј веќе беше порастен, дојде меѓу своите браќа и ги виде нивните маки. Тогаш забележа како еден Египетец бие еден Евреин - негов брат. 12Се заврте ваму-таму и откако виде дека нема никој, го уби Египетецот и го закопа во песокот. 13Тој излезе и другиот ден и најде двајца Евреи како се тепаат. „Зошто го тепаш својот другар?“ - му рече на напаѓачот. 14Овој му одговори: „Кој те постави за наш старешина и судија? Имаш ли намера да ме убиеш и мене, како што го уби оној Египетец?“ Мојсеј се исплаши и си рече во себе: „Така! Сепак се научило.“ 15Кога фараонот го чу тоа, сакаше да го погуби Мојсеја. Затоа Мојсеј избега од фараонот и се засолна во Мадијамската Земја. Таму седна покрај еден кладенец. 16Мадијамскиот свештеник имаше седум ќерки. Тие дојдоа да нацрпат вода и да ги налеат поилата, за да го напојат стадото на својот татко. 17Но дојдоа и пастирите и ги истераа. Мојсеј стана, ги одбрани и им го напои стадото. 18Кога се вратија при својот татко Рагуил, тој ги праша: „Како се вративте денес толку брзо?“ 19Тие одговорија: „Еден Египетец нѐ одбрани од пастирите, и уште ни нацрпи вода и ни го напои стадото.“ 20„Каде е? - ги праша тој своите ќерки. - Зошто го оставивте човекот? Повикајте го на ручек.“ 21Мојсеј се согласи да остане при човекот. Тој го ожени Мојсеја со својата ќерка Сепфора. 22А кога таа роди син, тој му го даде името Гирсам, „зашто сум - рече - странец во туѓа земја.“
Разговор на Мојсеј со Бога
23По долго време почина египетскиот цар. Израелците уште стенкаа во ропство. Викаа, и нивниот повик за помош, среде ропството, се издигна до Бога. 24Бог го чу нивното викање за помош и се сети за Својот Завет со Авраама, Исака и Јакова. 25И Бог погледна на Израелците, и се зазеде за нив.

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 2: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност