Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ВТОРОЗАКОНИЕ 3

3
Победа над васанскиот цар Ог
1„Тогаш се свртивме и тргнавме кон Васан. Нѐ пресретна васанскиот цар Ог, со сиот свој народ, и ни наметна бој кај Едреи. 2Тогаш Господ ми рече: ‘Не бој се од него! Па во твои раце ги предадов: него, сиот негов народ и неговата земја. Направи со нив како што направи со Сион, царот аморејски, кој живееше во Есевон.’ 3Така Господ, нашиот Бог, ни го предаде во наши раце и васанскиот цар Ог со целиот негов народ. Го поразивме, така што никој не остана жив. 4Тогаш ги освоивме сите негови градови. Немаше град што не им го одзедовме - шеесет градови, поточно целата арговска покраина, Оговото Царство во Васан. 5Сите оние градови беа утврдени со високи ѕидови, врати и лостови. Покрај нив имаше мошне многу и отворени селца. 6Ги предадовме на проклетство - како што направивме и со Сион, есевонскиот цар - сотирајќи го секој град со мажите, жените и децата. 7А сиот добиток и пленот ги задржавме за себе. 8Така во тоа време ја зедовме, од рацете на двајцата аморејски цареви, земјата што се наоѓа отаде Јордан, од потокот Арнон до гората Ермон (9Сидонците го наречуваат Ермон-Сирион, а Аморејците го викаат Сенир): 10сите градови на висорамништето, сиот Галад и сиот Васан, сѐ до Салха и Едреи - градови на Оговото Царство во Васан. 11Васанскиот цар Ог е единствен од останатите Рефаимовци.“ (Неговото легло, од железо, уште се наоѓа во Рава, во градот на Амоновите синови: десет лакти - обични лакти - е долг, а четири лакти широк, машки лакти.)
Делба на земјата
12„И така, тоа е земјата што ја зазедовме во она време, почнувајќи од Ароир, што е покрај потокот Арнон. Половината од Галадското Подгорје со неговите градови им ја дадов на Рувимовците и Гадовците. 13Остатокот од Галад и сиот Васан, Оговото Царство, им го доделив на половината Манасиево племе. (Сета Арговска Краина и сиот Васан се викаат Рефаимска Земја. 14Манасиевиот син Јаир ја зазеде сета Арговска Покраина до меѓата на Гесурците и Махатците. Тој ги нарече тие села со своето име, па уште и денес се викаат Авот-Јаир, Јаирови Села.) 15На Махир му го дадов Галад. 16На Рувимовците и Гадовците им доделив од Галад до потокот Арнон, - средината на потокот е меѓа - и до потокот Јавок, до амонската граница. 17А како граница служеа Араба и Јордан од Хинерот до морето покрај Араба - (покрај Соленото Море) - во подножјето на стрмнините на Фазга кон исток. 18Во она време ви наредив: ‘Господ, вашиот Бог, ви ја дава оваа земја во сопственост. Сите вие војници, тргнете вооружени пред своите браќа Израелеви синови. 19Единствено вашите жени, вашите деца и вашиот добиток - знам дека имате многу добиток - нека останат во вашите градови што ви ги доделив, 20додека Господ не им даде мирен престој и на вашите браќа како и вам; така што и тие да ја заземат земјата што Господ, вашиот Бог, им ја дава од онаа страна на Јордан. Па тогаш секој од вас нека се врати на недвижниот имот што ви го доделив.’ 21Во она време му наредив на Исуса: ‘Со своите очи виде што им стори Господ, вашиот Бог, на оние двајца цареви. Така ќе направи Господ со сите царства, преку кои ќе поминуваш. 22Не плашете се од нив! Па Господ, вашиот Бог, се бори за вас.’“
Забрана: Мојсеј да премине преку Јордан
23‘Тогаш замолив милост од Господа: 24‘Боже мој, Господи. Ти почна да му ги покажуваш на својот слуга Своето величество и Својата сила. Па кој бог, на небото или на земјата, може да направи такви дела и чудеса какви што се Твоите! 25Дозволи ми да отидам онаму и да ја погледам онаа Блажена Земја преку Јордан, оној убав горски крај и Ливан!’ 26Ама Господ, заради вас, беше лут на мене, и не ме послуша. ‘Доста - ми рече Господ - не ми зборувај веќе за тоа! 27Искачи се на врвот Фасга и насочи ги своите очи кон запад, север, југ и исток. Разгледај добро со своите очи, зашто нема да поминеш преку Јордан. 28Упати го Исуса, зајакни го и охрабри го! Тој нека оди на чело на овој народ; тој нека ги воведе во наследство на земјата што ја гледаш.’ 29Така останавме во таа долина покрај Вет-Фегор.“

Селектирано:

ВТОРОЗАКОНИЕ 3: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност