Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДАНИЕЛ 3:13-30

ДАНИЕЛ 3:13-30 MKB

Навуходоносор, јаростен и бесен, ги повика Седраха, Мисаха и Авденаго. Веднаш ги доведоа пред царот. А Навуходоносор им рече: „Дали е вистина, Седрах, Мисах и Авденаго, дека вие не им служите на моите богови, и дека не му се поклонувате на златниот кип што го подигнав? Дали сте волни, штом ќе чуете звук на рог, на кавал, на харфа, на китара, на псалтир, на гајда и на секакви други свиралки, да паднете на земјата и да му се поклоните на кипот што го направив? Ако не му се поклоните, ќе бидете веднаш фрлени во вжарена печка; и кој е тој бог кој ќе ве избави од мојата рака?“ Седрах, Мисах и Авденаго му одговорија на царот Навуходоносор: „Не треба да ти одговориме на тоа. Нашиот Бог Кому Му служиме може да нѐ избави од вжарената печка и од твојата рака, цару; Тој и ќе нѐ избави. Но ако тоа и не го направи знај, о цару: ние нема да им служиме на твоите богови, ниту ќе му се поклониме на кипот што си го подигнал.“ На тие зборови царот Навуходоносор се исполни со гнев, а лицето му се измени кон Седрах, Мисах и Авденаго. Тој нареди да се вжари печката седумпати повеќе отколку обично, и им заповеда на силните луѓе од својата војска да ги врзат Седрах, Мисах и Авденаго и да ги фрлат во печка полна со ражарен оган. И така, ги врзаа, и со наметките, со обувките и со капите, ги фрлија во вжарената печка. Бидејќи царската заповед беше итна а печката вжарена преку мера, пламенот ги уби луѓето кои ги фрлија Седрах, Мисах и Авденаго. А тројцата мажи - Седрах, Мисах и Авденаго - паднаа врзани во вжарената печка. Тогаш царот Навуходоносор се вчудоневиди и стана бргу. Ги праша своите советници: „Не ги фрливме ли оние тројца мажи врзани во огнот?“ Тие одговорија: „Ги фрливме цару!“ Тој рече: „Ама јас гледам четири мажи, одврзани шетаат по огнот, и не им се случува ништо зло; четвртиот е сличен на синот на боговите!“ Навуходоносор и пријде на вратата на вжарената печка и викна: „Седрах, Мисах и Авденаго, слуги на Сѐвишниот Бог, излезете и дојдете ваму!“ Тогаш Седрах, Мисах и Авденаго излегоа од огнот. Сатрапите, старешините, управителите и царевите советници се собраа за да ги видат тие луѓе: огнот не им наштети на нивните тела, косата на главата им беше неопрлена, наметките неоштетени, никаков непријатен мирис од огнот не се фати за нив. Навуходоносор викна: „Благословен да е Седраховиот, Мисаховиот и Авденаговиот Бог, Кој го испрати својот ангел и ги избави Своите слуги, оние кои се надеваа во Него та не ѝ се покорија на царската наредба, туку побргу му ги предадоа своите тела на огнот, отколку да му служат или да му се поклонуваат на друг освен на Својот Бог! И така наредувам: О народи, племиња и јазици, секој од вас кој би Го похулил Седраховиот, Мисаховиот и Авденаговиот Бог ќе биде раскинат на делови, а неговата куќа ќе биде претворена во гноиште, зашто нема бог кој би можел да спаси како Овој.“ Тогаш царот ги возвиши Седраха, Мисаха и Авденаго на високи положаи во Вавилонската Покраина.