Кога се одделивме од нив и отпловивме право, дојдовме во Кос, а на идниот ден во Родос и оттаму во Патара. И кога најдовме кораб, што заминуваше за Феникија, влеговме во него, и отпловивме. А кога ни се покажа Кипар, го оставивме одлево и отпловивме кон Сирија; и слеговме во Тир, зашто таму коработ требаше да се растовари. И кога ги најдовме учениците, останавме таму седум дена. Тие, вдахновени од Духот, му зборуваа на Павла да не оди горе во Ерусалим. И кога ги поминавме тие дни, отидовме оттаму и тргнавме натаму; а тие сите нѐ испратија со жените и децата, надвор од градот; а на брегот клекнавме и се помоливме. И кога се простивме едни со други, ние влеговме во бродот, а тие се вратија во своите домови.
Завршувајќи го пловењето, од Тир стигнавме во Птолемаида, каде ги поздравивме браќата и останавме при нив еден ден. А на идниот ден отпатувавме и дојдовме во Ќесарија и влеговме во куќата на евангелистот Филип, кој беше еден од седуммината, и останавме при него. Тој имаше четири ќерки девици, кои пророкуваа. Бидејќи престојувавме таму многу дни, еден пророк, по име Агав, дојде од Јудеја. И кога дојде при нас го зеде Павловиот појас, си ги врза рацете и нозете, и рече: „Светиот Дух го вели ова: ‘Човекот, чиј е овој појас, Јудејците, во Ерусалим, така ќе го врзат и ќе го предадат во рацете на народите’.“ Кога го чувме тоа, и ние и тамошните жители го молевме да не оди горе во Ерусалим. Тогаш Павле одговори: „Што правите? Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господа Исуса.“ И бидејќи не можевме да наговориме, ние молкнавме и рековме: „Нека биде Господовата волја!“ По тие денови се приготвивме и отидовме горе во Ерусалим. Со нас тргнаа и некои ученици од Ќесарија и нѐ одведоа при некој Мнасон, Кипарец, дамнашен ученик, за да бидеме негови гости.
Кога стигнавме во Ерусалим, браќата нѐ примија радосно. На идниот ден Павле отиде со нас при Јакова, а сите старешини беа присутни. И откако ги поздрави, им раскажа едно по едно сѐ што Бог, преку неговата служба, направи меѓу народите.
А кога го чуја тоа, Го прославија Бога и му рекоа: „Гледаш брате, колку илјади верни има меѓу Јудејците, и сите ревнуваат за Законот; а за тебе се известени дека сите Јудејци, кои се меѓу народите, ги учиш да отстапат од Мојсеја, велејќи им да не ги обрезуваат своите деца, ниту да ги држат обичаите. И така, што сега!? Бездруго ќе чујат дека си дошол. Затоа направи како што ќе ти кажеме: меѓу нас има четири мажи, кои се заветувале