Кој секому ќе му даде според неговите дела:
живот вечен на оние, кои со трпение во добрите дела бараат слава, чест и бесмртност;
јарост, пак, и гнев на оние, што ѝ упорствуваат на вистината, а се покоруваат на неправдата.
Мака и тага на секоја душа човечка, која прави зло, а најнапред на Јудеец, потоа и на Елин.
Слава и чест и мир на секого, што прави добро, прво на Јудеец, а потоа и на Елин;
зашто Бог не гледа на лице.
Оние, што згрешиле без Закон, без Закон ќе загинат; а оние, што згрешиле при Закон, според Законот ќе бидат и судени,
бидејќи пред Бога не се праведни оние, што го слушаат Законот, а ќе бидат оправдани само оние, што го исполнуваат Законот;
зашто незнабошците, немајќи Закон, сами од себе вршат сѐ по законот; тогаш тие, иако немаат Закон, сами во себеси се закон;
поради тоа што делото на Законот е напишано во нивните срца, та затоа се управуваат според Законот, бидејќи нивната совест им сведочи за тоа, и нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуваат
во оној ден, кога, според моето благовестие, Бог преку Исуса Христа ќе ги суди тајните на луѓето.