Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 66

66
Последниот суд.
1Вака вели Господ: небото е Мој престол, а земјата – подножје на нозете Мои; каде тогаш ќе изградите дом за Мене, каде е местото на Мојот спокој?
2Зашто, сето тоа го создаде Мојата рака, и сето тоа е Мое, вели Господ. А еве на кого ќе погледам: на смирениот и паднатиот со дух и на оној што трепери пред Моето слово.
3А кој коле вол, е исто, како оној што убива човек; кој принесува јагне за жртва, е исто, како оној што задушува куче; кој принесува дар, е исто, како оној што принесува свинска крв; кој кади темјан, е исто, како оној што се моли на идол. Тие го избрале тоа на своите патишта, и душата нивна наоѓа задоволство во одвратностите нивни, –
4така и Јас ќе ја употребам нивната измама и ќе го испратам врз нив она, што е за нив ужасно; зашто викав – и нема кој да одговори, говорев – и тие не слушаа, а вршеа зло пред очите Мои и го избираа она што Ми беше неугодно.
5Чујте го словото на Господа вие, што треперите пред словото Негово: вашите браќа, кои ве мразат и кои ве гонат заради Моето име, велат: »Нека се јави Господ во Својата слава, па да ја видиме радоста ваша.« Но тие ќе бидат посрамени.
6Ете, шум од градот, глас од храмот, глас од Господа, Кој дава отплата на непријателите Свои:
7Уште не беше почувствувала родилни маки, и роди; пред да настапат болките нејзини, роди син.
8Кој слушна такви нешто? Кој видел слично на тоа? Никне ли од земјата во еден ден? Се раѓа ли народ наеднаш, како Сион: штотуку почна да се мачи од родилни болки, – ги роди синовите свои?
9Зар Јас кога ќе ја отворам утробата на мајката – таа нема да роди? вели Господ. Или Јас Кој давам да се роди, ќе ја заклучам ли утробата – вели твојот Бог.
10Развеселете се со Ерусалим радувајте се за него сите, што го сакате! Радувајте се со него радосно сите што тагувате по него,
11за да се храните и наситувате од градите на утехите негови, да се опивате и насладувате од изобилната слава негова.
12Зашто вака вели Господ: »Ете, ќе навртам кон него мир како река, и богатство на народите – како поток, кој се разлива, за ваша наслада; на раце ќе ве носат и на колена ќе ве милуваат.
13Како што некого го утешува мајка така ќе ве утешам и Јас; ќе бидете утешени во Ерусалим.
14И ќе го видите тоа, и ќе се зарадува срцето ваше, и коските ваши ќе цутат како свежо растение, и раката на Господа ќе се јави врз слугите Негови, а на непријателите свои Он ќе се разгневи.
15Зашто, ете, ќе дојде Господа во оган, и колите Негови – како виор, за да го излее гневот свој со јароста и заплашувањето Свое – со пламнат оган.
16Зашто Господ ќе суди со оган и со мечот Свој над секоја плот, и многумина ќе бидат убиени од Господа.
17Оние, што се оветуваат и очистуваат во шумичките еден по друг, кои јадат свинско месо и гадотии и глувци, – сите ќе загинат вели Господ.
18Зашто Јас ги знам делата нивни и мислите нивни; ете, ќе дојдам да ги соберам сите народи и јазици, и тие ќе дојдат и ќе ја видат славата Моја.
19И ќе ставам на нив белег, и од преживеаните меѓу нив ќе испратам кон народите: во Тарсис, во Фуд и Луд, во Мосох, во Товел и во Елада, и во далечните острови, кои не чуле за името Мое и не ја виделе славата Моја; и тие ќе му ја објават на народот славата Моја,
20и ќе ги претстават сите ваши браќа од сите народи како дар на Господа на коњи и коли, на носилки, на маски и на брзи камили, – на Мојата света гора, во Ерусалим, вели Господ, – исто како што синовите Израилеви принесуваат дар во домот Господов во чист сад.
21И од нив ќе земам свештеници и левити, вели Господ.
22Зашто, како што новото небо и новата земја, кои Јас ќе ги создадам, ќе бидат секогаш пред лицето Мое, вели Господ, така ќе постои и потомството ваше и името ваше.
23Тогаш од месец на месец, и од сабота во сабота ќе доаѓа секоја плот пред лицето Мое на поклонение, вели Господ.
24И ќе излегуваат и ќе ги видат труповите на луѓето што отстапиле од Мене; зашто црвот нивни нема да умре, ниту огнот нивни ќе угасне и ќе бидат одвратност за секоја плот.«

Селектирано:

Исаија 66: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност