Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ппророк Језекиил 48

48
Големината на Светиот Град.
1А ова се имињата на колената. На север, по патот што води од Хетлон за Емат и Хацар Енон, на меѓата меѓу Дамаск и Емат, сето тоа од исток па сѐ до морето е еден дел за Дан.
2А од границата на Дан, од север па до запад, тоа е еден дел за Асира.
3Од границата, пак, на Асира, од источниот крај па до западниот, тоа е дел еден за Нефталима.
4До границата на Нефталима, од источниот крај па сѐ до западниот, тоа е еден дел за Манасија.
5До границата на Манасија, од исток до запад, тоа е еден дел за Ефрема.
6До границата на Ефрема, од источниот крај па сѐ до западниот, тоа е еден дел за Рувима.
7До границата на Рувима, од исток до запад, тоа е еден дел за Јуда.
8А до границата на Јуда, од исток до запад, е свештениот дел, широк дваесет и пет илјади трски и долг колку што се и другите делови, од исток па сѐ до запад? Во средината негова се наоѓа светилиштето.
9Делот што е посветен за Господа ќе биде долг дваесет и пет илјади трски, а широк десет илјади.
10И тој свештен дел треба да им припаѓа на свештениците, кој е од северната страна долг дваесет и пет илјади лакти, а од кај морето – широк десет илјади, и од кај исток – широк десет илјади, а од кај југ долг ќе биде дваесет и пет илјади, додека спроти него ќе биде поставено светилиштето на Господа.
11Дајте им го тоа на свештениците од синовите на Садока, што Ми стоеја на стража, кога отстапуваа синовите Израилеви, но тие не отстапија од Мене, како што отстапија другите левити.
12Ним ќе им припадне тој дел од свештената земја, Свјатаја Свјатих, во пределот на левитите.
13И левитите ќе добијат во свештеничкиот дел дваесет и пет илјади трски надолж и десет илјади нашир; целата должина ќе е дваесет и пет илјади трски, и ширина десет илјади.
14Од тој дел тие не можат ни да продаваат, ниту да сменуваат; и првините од земјата не можат да ги пренесуваат на други, зашто тоа е светиња Господова.
15А другите пет илјади лакти во ширина од дваесет и пет илјади и во должина – пет илјади, ќе се определат за општа употреба на градот, за населби и за предградија; градот ќе биде во средината.
16А еве ги мерките – од северната страна четири илјади и петстотини трски, од јужната четири илјади и петстотини, од источната четири илјади и петстотини и од западната страна – четири илјади и петстотини.
17Предградието, пак, на градот ќе биде двесте и педесет лакти од север, двесте и педесет од исток, двесте и педесет од југ и двесте и педесет од запад.
18А она што ќе преостане од должината спроти свештениот дел – десет илјади спрема исток и десет илјади спрема запад, спроти свештениот дел, ќе биде земја, чии производи ќе служат за исхрана на работниците во градот.
19Во градот ќе можат да работат работници од сите Израилеви колена.
20Одвоениот дел од дваесет и пет илјади лакти во должина и дваесет илјади во ширина, четириаголен, определете го како свештен дел, вклучувајќи ги во него и владенијата на градот.
21А сѐ што ќе остане, да биде за кнезот. Како откај свештениот дел, така исто и откај владенијата на градот, спроти дваесет и петте илјади трски до источната граница, на делот, и на запад спроти дваесет и петте илјади лакти на западната граница, сразмерно со сите делови е делот на кнезот, така што свештениот дел и светилиштето да бидат во средината негова.
22А она што ќе остане од левитските владенија и од владенијата на градот во средината, ќе му припадне исто така на кнезот: меѓу границата на Јуда и меѓу границата на Венијамина.
23Остатокот, пак, од колената, од источниот крај до западниот – е еден дел за Венијамина.
24До границата на Венијамина, од исток до запад, ќе биде еден дел за Симеона.
25До границата на Симеона, од исток па до запад, тоа ќе биде еден дел за Исахара.
26До границата на Исахара, од источниот крај па до западниот, ќе е еден дел за Завулона.
27До границата на Завулона, од исток па до запад, еден дел за Гада.
28А до границата на Гада, од јужната страна, се протега јужниот крај од Тамара до водите на Мерива во Кадис, по должината на потокот сѐ до големото море.
29Ете, тоа е земјата што со жреб ќе ја разделите меѓу Израилевите колена, и тоа се деловите, вели Господ Бог.
30А ова се излезите на градот: од северната страна – четири илјади и петстотини мерки,
31и портите на градот се именувани со имињата на колената Израилеви: од северната страна три порти – Рувимова, Јудина, Левиева.
32И од источната страна – четири илјади и петстотини мерки, со три порти – Јосифова, Венијаминова, Данова.
33И од јужната страна – четири илјади и петстотини мерки, со три порти: Симеонова, Исахарова и Завулонова.
34Од страната на морето, пак, – четири илјади и петстотини мерки, и три порти: Гадова, Асирова и Нефталимова.
35А мерката наоколу ќе изнесува осумнаесет илјади. И градот од тој ден ќе се именува: »Господ е таму«.

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност