Исход 17
17
Децата Израилеви пијат вода од карпа. Победа над Амаликијците.
1И се крена целото општество на синовите Израилеви, од пустињата Син, по заповедта Господова, и се задржаа во Рафидин; а таму немаше вода да пие народот.
2И народот го укори Мојсеја, велејќи: »Дај ни вода да пиеме!« А Мојсеј им рече: »Зошто ме укорувате мене? Зошто Го искушувате Господа?«
3и жеден беше за вода народот таму, па викаше против Мојсеја и велеше: »Зошто не изведе од Египет и нас, и синовите наши, и добитокот наш, за да нѐ помориш со жед?«
4А Мојсеј се обрна кон Господа и рече: »Што да правам со овој народ? Уште малку, па ќе ме каменуваат.«
5Но Господ му рече на Мојсеја: »Излези пред народот, и поведи ги со себе старешините народни, земи го во раката и стапот свој, со кој го раздвои морето, па појди.
6А Јас ќе стојам онаму кај карпата на Хорив пред доаѓањето твое; а ти тогаш удри во карпата, и од неа ќе потече вода и народот ќе пие.« И направи Мојсеј така пред синовите Израилеви.
7И тоа место го нарече Маса и Мерива, поради подбивот на синовите Израилеви што Го искушуваа Господа, велејќи: »Дали е Господ меѓу нас, или не е?«
8Но тогаш дојдоа Амаликијците и се биеја против Израилците во Рафидин.
9А Мојсеј, пак, му рече на Исуса: »Избери си луѓе силни, па излези и бори се утре против Амаликијците; а јас ќе застанам на врвот од гората и стапот Божји ќе ми биде в рака.«
10И направи Исус, како што му рече Мојсеј, и излезе против Амаликијците; А Мојсеј, Арон и Ор се искачија на врвот од гората.
11И кога Мојсеј ги креваше рацете угоре – надвладуваа Израилците, а кога ги спушташе рацете – надвладуваа Амаликијците.
12Но рацете на Мојсеја му отежнаа; затоа зедоа камен и го ставија под него, па седна на него: а Арон и Ор ми ги потпираа рацете: еден од една страна, а другиот – од другата. Така стоеја рацете Мојсееви кренати до зајдисонце.
13И го победи Исус Амалика и неговиот народ со остар меч.
14Потоа му рече Господ на Мојсеја: »Запиши го тоа за спомен во книгата, и објасни му на Исуса да помни дека сосема ќе го избришам споменот за Амалика од под небото.«
15Тогаш Мојсеј подигна жртвеник, и го нарече Јехова Ниси, односно Господ прибежиште мое,
16»бидејќи, рече тој, рака се кренала на престолот Господен, Господ ќе војува против Амалика од колено на колено.«
Селектирано:
Исход 17: MK1990
Нагласи
Копирај
Спореди
Сподели
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016