Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 16

16
Павле го зема со себе Тимотеја и Евангелието го пренесува од Азија во Европа. Неговите преживувања во Филипи; Лидија и затвореникот поверуваа во Господа.
1Тој пристигна во Дервија и Листра. И ете, таму живееше некој си ученик, по име Тимотеј, син на жена Јудејка, која беше поверувала, и на татко Елин;
2тој ученик беше посведочен како добар меѓу браќата во Листра и Иконија.
3Него посака Павле да го земе со себе; и откако го зеде, го обреза поради Јудејците, кои живееја по тие места; зашто сите знаеја дека татко му е Елин.
4И одејќи по градовите, тие им порачуваа на верните да пазат на одредбите, определени од апостолите и презвитерите во Ерусалим.
5И така, црквите се утврдуваа во верата, а и по број се умножуваа секој ден.
6Штом ги преминаа Фригија и Галатијскиот крај, ним им беше допуштено од Светиот Дух да го проповедаат словото во Азија.
7А кога дојдоа во Мизија, се обидоа да отидат во Витинија; но Духот не ги пушти.
8И кога ја напуштија Мизија, тие слегоа во Троада.
9Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: »Премини во Македонија и помогни ни!«
10По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нѐ повикал таму да го проповедаме Евангелието.
11И така, откако отпловивме од Троада, стигнавме право во Самотраки, а на вториот ден – во Неапол,
12а оттаму во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија. Во тој град престојувавме неколку дена.
13А во саботата излеговме надвор од градот при една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени.
14И една богобојазлива жена од градот Тиатир, по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на она, што зборуваше Павле.
15А кога се покрсти таа и нејзините домашни, нѐ замоли и рече: »Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!« И нѐ принуди.
16Во оние дни, кога одевме на молитва, нѐ сретна една слугинка, која имаше гледачки дух, и на господарите свои им донесуваше големи приходи, вражајќи.
17И одејќи по Павла и по нас викаше, зборувајќи: »Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог, што ви го соопштуваат патот на спасението.«
18Ова го правеше таа многу дни. И кога му здодеа на Павла, тој се сврти кон духот и му рече: »Ти заповедам во името на Исуса Христа излези од неа!« И излезе во истиот час.
19Штом видоа господарите нејзини дека отиде надежта на нивното богатење, ги фатија Павла и Сила, и ги довлекоа на плоштадот кај началниците.
20И кога ги приведоа пред управниците, рекоа: »Овие луѓе, што се Јудејци, го бунат нашиот град
21и проповедаат обичаи што нам, како Римјани, не ни пристои ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме.«
22Тогаш се струпа на нив народот; а управниците, штом им ги расцепија алиштата, повелаа да ги бијат со стапови;
23и, откако ги испоранија многу, ги фрлија в затвор, а на темничниот стражар му наредија да ги пази добро.
24А стражарот, штом прими таква заповед, ги фрли во внатрешниот затвор и нозете им ги стегна во клада.
25Во полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа.
26Одеднаш настана потрес голем, така што и темелите на затворот се поместија, и веднаш се отворија сите врати и оковите на сите отпаднаа.
27А стражарот темнички, кога дојде при свест и ги виде вратите на затворот отворени, извади меч и сакаше да се убие, оти помисли дека затворениците избегале.
28Но Павле викна со силен глас и рече: »Не прави на себеси никакво зло, бидејќи сме овде!«
29А тој побара светило, истрча и растреперен падна пред Павла и Сила;
30па, откако ги изведе надвор, рече: »Господари, што треба да направам, па да се спасам?«
31А тие му одговорија: »Поверувај во Господа Исуса Христа, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!«
32И му го проповедаа словото Господово нему и на сите што беа со него во куќата негова.
33Па, како ги прибра ноќта во тоа време, им ги изми раните и веднаш се покрсти тој сам и сите негови домашни;
34и, штом ги воведе во својата куќа, постави трпеза и се зарадува со целиот свој дом, оти поверува во Бога.
35А кога осамна, војводите пратија судски служители, кои рекоа: »Пушти ги оние луѓе!«
36Затворскиот стражар му соопшти за тоа на Павла: »Војводите пратија да ве ослободам. Затоа, излезете сите и одете си со мир!«
37Но Павле им рече: »Откако нѐ биеја пред народот без суд и нѐ фрлија в затвор, нас римски граѓани, сега тајно ли нѐ пуштаат? Не, нека дојдат и сами нека нѐ извадат!«
38Градските служители им го кажаа тоа на војводите; а тие се уплашија, кога чуја, дека се тие римски граѓани.
39И дојдоа, па се извинија пред нив, ги изведоа и ги замолија да излезат од градот.
40А тие, штом излегоа од затворот, отидоа во домот на Лидија, ги видоа браќата, ги утешија и си тргнаа.

Селектирано:

Дела 16: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се