Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 15

15
Соборот апостолски и одлука при обраќањето на незнабошците да не им се наметнува јаремот на Законот. Второто Павлово проповедничко патување.
1А некои, слегнати од Јудеја, ги учеа браќата: »Ако не се обрежете според укажувањето Мојсеево, не можете да се спасите!«
2А кога настана расправија, и Павле и Варнава не малку се препираа со нив, па определија Павле и Варнава од нив и некои други да отидат горе при апостолите и старешините во Ерусалим за ова прашање.
3Тие, пак, испратени од црквата, минеа преку Финикија и Самарија, зборувајќи за обраќањето на незнабошците и предизвикуваа голема радост кај сите браќа.
4А кога дојдоа во Ерусалим, ги примија црквата, апостолите и старешините и рекоа сѐ што направи со нив Бог и како ја отвори вратата на верата и за незнабошците.
5Тогаш станаа некои од фарисејската ерес, што беа поверувале, и зборуваа дека тие треба да се обрезуваат, и да им се заповеда да го пазат Законот Мојсеев.
6Апостолите и старешините се собраа да го разгледаат тоа прашање.
7По долго расправање стана Петар и им рече: »Луѓе, браќа, вие знаете дека Бог од првите дни ме избра меѓу вас незнабошците од мојата уста да го чујат словото евангелско и да поверуваат;
8и Бог, Кој ги познава срцата, им посведочи, и им даде Дух Свети како и нам,
9и не правејќи никаква разлика меѓу нас и нив, ги очисти со верата нивните срца.
10Сега, пак, зошто го искушувате Бога, ставајќи им на вратот на учениците јарем, што не можеа да го поднесат ни нашите татковци, ниту ние.
11Но ние веруваме дека ќе се спасиме со благодатта на Исуса Христа, како и тие.«
12Тогаш замолкна сето мноштво и го слушаа Варнава и Павла, кои прикажуваа какви знаци и чудеса направил Бог преку нив меѓу незнабошците.
13А кога тие престанаа, тогаш прозборува Јаков и рече: »Мажи, браќа, чујте ме!
14Симон изложи како Бог најнапред ги посети незнабошците, та од нив да избере народ што ќе го носи Неговото име;
15и со тоа се согласуваат и зборовите на Пророците како што е напишано:
16‚И потоа ќе се обрнам и ќе го обновам паднатиот дом на Давида, и неговите урнатини ќе ги поправам и ќе го издигнам,
17за да Го побараат Господа и другите луѓе и сите народи, кои се наречени со Моето име.‘ Така вели Господ, Кој го прави сето ова.
18Познати Му се на Бога сите Негови дела од создавањето на светов.
19Затоа јас мислам дека не треба да им се прават мачнотии на оние незнабошци, кои се обраќаат кон Бога,
20туку да им се заповеда да се воздржуваат од идолски жртви, од блудство, од удавено и од крв, и да не му прават на друг ништо, што ним не им е угодно.
21Зашто Мојсеј во сите градови има луѓе од старите времиња, кои го проповедаат, оти неговиот Закон се чита по синагогите во секоја сабота.«
22Тогаш апостолите и старешините со целата црква најдоа за добро да ги изберат меѓу себе Јуда, наречен Варсава, и Сила, луѓе истакнати меѓу браќата, и со Павла и Варнава да ги пратат во Антиохија.
23И со своите раце им го напишаа следново: »Апостолите, свештениците и браќата ги поздравуваат обратените браќа што се во Антиохија и Сирија и Киликија.
24Бидејќи чувме дека некои, што излегоа од нас, ве смутиле со зборови, и ги одвратиле душите ваши, велејќи ви да се обрезувате и да го пазите Законот, на кои ние не сме им заповедале;
25та, откако се собравме, еднодушно најдовме за добро да избереме луѓе и да ги пратиме при вас заедно со нашите омилени Варнава и Павла,
26луѓе, кои ги предадоа душите свои за името на нашиот Господ Исус Христос.
27И така, ние ви ги пративме Јуда и Сила, кои ќе ви го кажат тоа и со зборови.
28Зашто на Светиот Дух и нам ни беше угодно веќе никакво бреме да не ви ставаме освен она што е потребно:
29да се воздржувате од принесување жртви на идоли и од крв, од удавено, од блудство, и да им правите на други она што вам не ви е угодно. Ако се пазите од ова, добро ќе направите. Бидете здрави!«
30И така испратени, тие дојдоа во Антиохија, и, кога го собраа народот, му го предадоа посланието.
31А кога го прочитаа, се зарадуваа поради утехата.
32Јуда, пак, и Сила, бидејќи и сами пророци, со многу зборови ги утешија браќата и ги утврдија.
33Откако престојуваа таму некое време, ги отпуштија браќата со мир при апостолите.
34Но Сила најде за добро да остане таму, а Јуда се врати во Ерусалим.
35Павле, пак, и Варнава живееја во Антиохија, поучувајќи и благовестувајќи го словото Господово заедно со мнозина други.
36По неколку дни Павле му рече на Варнава: »Да појдеме пак по сите градови, каде што го проповедавме словото Господово за да ги видиме како живеат.«
37Варнава предложи да го земат со себе и Јована, наречен Марко.
38Но Павле сметаше за недостојно да го земат со себе оној, што се беше одделил од нив во Памфилија и не беше пошол со нив по работата, за која беа пратени.
39Поради тоа се појави расправија, така што тие се разделија еден од друг; и Варнава, откако го зеде Марка, отплови за Кипар;
40а Павле си го избра Сила и тргна предаден на Божјата благодат од браќата.
41И, минувајќи низ Сирија и Киликија, ги утврдуваше црквите.

Селектирано:

Дела 15: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се