Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 13

13
Првото Павлово патување меѓу незнабошците. Проповед на Евангелието во Кипар и во Антиохија Писидиска.
1Во Антиохијската црква имаше некои пророци и учители, како: Варнава и Симеон, наречен Нигер, Луциј Киринеецот, и Манил, одгледан со Ирода четворовласникот, и Савле.
2Кога Му служеа на Господа и постеа, Духот Свети рече: »Одвојте ми ги Варнава и Савла за дело, за кое ги повикав!«
3Тогаш тие, откако постеа и се помолија, положија раце над нив и ги пуштија.
4И така, испратени од Светиот Дух, тие слегоа од Селевкија, и оттаму отпловија за Кипар.
5И кога стигнаа во Саламин, тие го проповедаа словото Божјо во јудејските синагоги, а го имаа со себе и Јована како помошник.
6А кога го поминаа островот сѐ до Пафос, најдоа еден човек маѓесник и лажен пророк, Јудеец, по име Вариисус,
7кој беше со намесникот Сергиј Павле, човек умен. Тој, откако ги повика Варнава и Савла, посака да го чуе словото Божјо.
8А маѓесникот Елим, зашто неговото име така се толкува, им се спротивстави, трудејќи се намесникот да го одврати од верата.
9Но Савле, кој се викаше и Павле, исполнет со Дух Свети, погледа на него,
10и рече: »О, ти, кој си полн со секаква лага и злоба, сине ѓаволски, непријателу на секаква правда, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?
11И еве сега, раката Господова е врз тебе: ќе бидеш слеп и за некое време нема да го гледаш сонцето!« И наеднаш над него падна мрак и темнина, и жбарајќи, бараше водач.
12Тогаш намесникот, откако виде што стана, поверува, восхитувајќи се на Божјото учење.
13Откако отпловија од Пафос, Павле и оние, што беа со него, пристигнаа во Пергија Памфилиска; а Јован се одвои од нив – и се врати во Ерусалим.
14А тие, кога отидоа од Пергија, стигнаа во Антиохија Писидиска, и откако влегоа во синагогата во саботен ден, седнаа.
15По читањето на Законот и на Пророците, старешините на синагогата пратија да им кажат: »Мажи, браќа, ако има во вас слово за утеха на народот, зборувајте!«
16А Павле, кога стана и мавна со раката, рече: »Луѓе Израилци, и вие, што се боите од Бога, послушајте!
17Бог на овој народ, Израилот, ги избра татковците наши, и го дигна овој народ кога тие пребиваа во земјата Египетска, и со раката Своја силна ги изведе од неа;
18и околу четириесет години ги хранеше во пустината;
19а откако истреби седум народи во земјата Хананска, им ја раздели земјата со ждреб.
20Потоа, околу четиристотини и педесет години им даваше судии до пророкот Самуил.
21И оттогаш бараа цар, и Бог им го даде Саула, Кисовиот син, човек од Венијаминовото колено, за четириесет години.
22Кога го отстрани него, за цар им го подигна Давида, за кого и рече, сведочејќи: ‚Најдов маж по срцето Свое, Давида, синот Јесеев, кој ќе ги исполни сите Мои барања.‘
23Од неговото потомство Бог, според ветувањето на Израилот, Го издигна Спасителот Исуса,
24откако Јован пред Неговото доаѓање му проповедаше на сиот израилски народ покајно крштавање.
25А кога Јован ја завршуваше својата работа, велеше: ‚За кого ме сметате? Јас не сум Он, но, ете, по мене иде Оној, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни обувките на Неговите нозе.‘
26Вам, мажи, браќа, синови од родот на Авраама, и на оние меѓу вас, што се бојат од Бога, испратено е словото на ова спасение.
27Оти жителите ерусалимски и нивните началници, откако не Го познаа Оној, и пророчките зборови, што се читаат секоја сабота, и откако Го осудија, го потврдија тоа:
28‚И не наоѓајќи никаква вина за осуда на смрт, побараа од Пилата да Го убие.‘
29А кога го извршија сето тоа, што беше напишано за Него, Го симнаа од дрвото и Го положија в гроб.
30Но Бог Го воскресна од мртвите,
31и преку многу дни Он им се јавуваше на оние, што со Него дојдоа од Галилеја во Ерусалим и кои се сега сведоци Негови пред народот.
32И ние сега ви соопштуваме дека ветувањето, дадено на нашите татковци, Бог го исполни на нас, чедата нивни, откако Го воскресна Исуса.
33Како што е и во вториот псалм напишано: ‚Син Мој си Ти. Денес Те родив Јас.‘
34А дека Го воскресна од мртвите, та веќе да не се враќа во распаѓање, рекол вака: ‚Ќе ви ги дадам неизменети милостите на Давида.‘
35За тоа и на друго место зборува: ‚Нема да позволиш Твојот светец да види распаѓање.‘
36Зашто Давид, откако му послужи на својот род, според Божјата волја, се присоедини кон татковците и виде распаѓање;
37но Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде распаѓање.
38И така, знајте, мажи и браќа, дека преку Него вам ви се проповеда простување на гревовите.
39И од сѐ, од што не сте можеле да се оправдате преку Законот Мојсеев, преку Него се оправдува секој кој верува.
40Но пазете да не дојде на вас што е речено во Пророците:
41‚Гледајте вие, кои презирате и се чудите, и нека ве снема! Оти во ваши дни ќе извршам дело, во кое немаше да поверувате, ако некој би ви го раскажувал.‘«
42А кога излегуваа од синагогата Јудејска, незнабошците ги помолија овие зборови да им се проповедаат и ним во идната сабота.
43И кога се растури соборот, мнозина Јудејци и побожни преселници појдоа по Павла и Варнава, кои, зборувајќи со нив, им советуваа да останат во Божјата благодат.
44Во идната сабота се собра скоро целиот град да го чуе словото Божјо.
45Но Јудејците, кога видоа многу народ, се исполнија со завист и му противречеа на она што го зборуваше Павле и хулеа.
46Тогаш Павле и Варнава им рекоа отворено: »Словото Божјо требаше најнапред вам да ви се проповеда, но кога вие го отфрлате и сами покажувате дека не сте достојни за вечниот живот, затоа, еве, ние се обраќаме кон незнабошците.
47Зашто Господ така ни заповеда: ‚Те поставив за светлина на незнабошците, да бидеш спасение до крајот на земјата.‘«
48Незнабошците, слушајќи го тоа, се радуваа и го славеа словото Господово и поверуваа сите, кои беа определени за живот вечен.
49И словото Господово се распространуваше по целиот крај.
50Но Јудејците, откако ги наговорија побожните и чесните жени и првенците градски, подигнаа гонење против Павла и Варнава, и ги истераа од својот крај.
51Тие, откако го истресоа правот од нозете свои на нив, отидоа во Иконија.
52А учениците се исполнија со радост и Дух Свети.

Селектирано:

Дела 13: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се