Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Песна над песните 5:2-16

Песна над песните 5:2-16 MK2006

Возљубената: Спијам, но срцето мое е будно; ете го гласот на мојот воз­љубен, кој чука: Отвори ми сестро, ми­ла моја, гулабице моја, совршена моја, зашто главата моја е целата со роса покриена, и косата моја – со ноќна влага. Го соблеков хитонот свој, пак ли да го облекувам? Сум ги измила нозете свои, како да ги валкам? Мојот возљубен ја протегна раката низ отворот, и срцето мое затрепери од него. Станав да му отворам на мојот возљубен; од рацете ми капеше смирна, од прстите мои пријатен мирис на смирна врз дршката од клучалката. Му отворив на мојот возљубен, а мојот возљубен си беше отишол. Душа­та ми премре, додека тој говореше; го барав, но не го најдов; го викав, но не ми се јавуваше. Ме сретнаа стражарите, што го оби­колуваа градот, ме натепаа, ме изна­ранија; ми го симнаа превезот оние, што ги чуваа ѕидиштата. Ве заколнувам, ќерки ерусалимски! Ако го сретнете мојот возљубен, каже­те му дека изнемоштувам од љубов. Хорот: Со што е твојот возљубен по­добар од другите возљубени, о, најубава меѓу жените? Во што твојот возљубен е подобар од другите, па така нѐ заколнуваш? Возљубената: Мојот возљубен е бел и румен, поубав од десет илјади други; главата негова – чисто злато; кад­рите негови – брановидни, црни како гав­ран; очите негови – како гулаби крај водни потоци, што се капат во млеко, што стојат задоволни; образите негови – ароматен цветник, леи со миризливи билки; усните негови – кринови од кои капе чиста смирна; рацете негови – златни валци, опсипани со топази; стомакот негов – како сад од слонова коска, обложен со са­фири; нозете негови – мермерни столбови, поставени врз златни подлоги; изглед има како Ливан, величествен е како кедар; устата негова е сладост, целиот е прекрасен. Ете, кој е мојот возљубен, и ете, кој е пријателот мој, ќерки еруса­лимски.