Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 9:19-33

Римјаните 9:19-33 MK2006

Но ти секако ќе ми речеш: „А зош­то тогаш уште нѐ кори?“ А кој може да се спротивстави на Неговата волја? Ама, човеку, кој си ти што така се спориш со Бога? Зарем она што е ракотворено ќе му рече на својот мајстор: зошто си ме направил такво? Или, пак, грнчарот – зарем не е гос­подар над својата глина, па од една и ис­та смеса да направи еден сад за почесна, а друг за нечесна употреба? Што, ако Бог, сакајќи да го покаже гневот Свој и да ја пројави Својата моќ, со голема долготрпеливост трпел некои садови на гневот, приготвени за погибел, за да го покаже богатството на Сво­јата слава над садовите на милосрдието што Тој однапред ги приготвил за сла­ва, над нас, кои нѐ повика не само од Јудејците, туку и од незнабошците? Така се вели и во книгата на Осија: „Ќе го наречам Мој народ оној кој не беше Мој народ, и возљубена – онаа што не беше возљубена.“ И на она место, каде што им беше речено: „Вие не сте Мој народ“, таму ќе бидат наречени синови на живиот Бог. А Исаија извика за Израел: „Кога Израеловите синови би биле бројни како морскиот песок, само остатокот ќе биде спасен“, зашто ќе го заврши делото и ќе реши по правда: „Господ ќе го изврши во потполност словото на земјата.“ И како што прорече Исаија: „Ако Господ Саваот не ни беше оставил потомство, ќе станевме како Содом и ќе заприлегавме на Гомора.“ И што да кажеме сега? Незна­бош­ците, кои не бараа праведност, добија пра­ведност, и тоа праведност што доаѓа од верата. И Израел, кој тежнееше кон не­ка­ков закон за праведност, не го достигна Законот на правдата. Зошто? Зашто не го побара од вера, туку од делата на Законот. Се препна од каменот за сопнување, како што е напишано: „Еве, по­ла­гам на Сион камен за сопнување и кар­па за соблазна; и секој, кој верува во Не­го нема да се посрами.“