Што да речеме пак? Зар Законот е грев? Никако! Но јас го разбрав гревот преку Законот, зашто и похотата не би ја познал, ако Законот не велеше: „Не биди похотлив!“ Но гревот, поттикнат од заповедта, предизвика во мене секаква похота; бидејќи гревот без Законот е мртов. Некогаш живеев без Законот; но кога дојде заповедта, гревот оживеа. Јас, пак, умрев, и се покажа дека заповедта, назначена за да даде живот, истата води во смрт, зашто гревот, поттикнат од заповедта, ме измами и преку неа ме умртви. Така, значи, Законот е свет, и заповедта света, справедлива и добра.
Па така, доброто ли за мене стана смрт? Никако! Но гревот, за да се покаже дека е грев, ми предизвикува преку доброто смрт, та преку заповедта гревот да стане премногу грешен. Зашто знаеме дека Законот е духовен, а јас, пак, сум телесен, продаден на гревот како роб. Не го разбирам тоа што го правам; бидејќи не го правам она што сакам, туку она што го мразам, тоа го правам. Ако, пак, го правам она што не го сакам, тогаш се согласувам со Законот дека е добар. Значи, тоа веќе не го правам јас, туку гревот, што живее во мене. Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; навистина желба за добро во мене има, но не и сила да го правам тоа. Зашто не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам. А штом го вршам она што не го сакам, не го вршам веќе јас, туку гревот, кој живее во мене. И така, во себе наоѓам ваков закон: кога сакам да го правам доброто, злото ми е близу. Бидејќи, според својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во своите телесни делови гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме држи заробен во гревовниот закон, кој е во моите органи. Колку несреќен човек сум јас! Кој ќе ме избави од ова тело на смртта? Му благодарам на својот Бог преку Исус Христос, нашиот Господ. И така, јас самиот со умот свој му служам на Божјиот закон, а со телото – на гревовниот закон.