Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 3:19-31

Римјаните 3:19-31 MK2006

Знаеме дека сѐ она, за што зборува Законот, се однесува на оние, што се под Законот, за да се затвори секоја ус­та, и така целиот свет да стане виновен пред Бога, зашто преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој; бидејќи преку Законот се познава гре­вот. А сега независно од Законот се јави Божјата праведност, посведочена од Законот и од Пророците. Божјата праведност преку верата во Исус Христос е во сите и врз сите оние што веруваат. Зашто нема разлика, сите згрешија и лишени се од славата Божја. Но ќе бидат оправдани преку дар, со Божјата благодат, а преку откупот во Исус Христос. Него Бог Го постави со крвта Своја да биде жртва за помирување преку ве­рата, за да ја покаже Својата праведност во опростувањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение, за да ја покаже Својата праведност во сегашно време, дека е Тој справедлив и дека го оправдува секого што верува во Исус. Каде е, пак, пофалбата? Таа е ис­клучена. Според кој закон? Дали според оној на делата? Не, туку според законот на верата. Така ние заклучуваме дека човекот се оправдува со верата, без делата на Законот. Или можеби Бог е пак само на Ју­дејците, а не и на незнабошците? Се разбира, Тој е и на незнабошците, бидејќи еден е Бог, Кој ќе ги оправда обрезаните по вера и необрезаните преку вера. А дали го укинуваме Законот преку верата? Никако, туку уште посилно го утврдуваме.