Слабиот во вера прифатете го, но без расправии за мислењата! Еден верува дека може да јаде сѐ, а слабиот во верата јаде само зеленчук. Кој јаде, нека не го укорува оној што не јаде; и кој не јаде, нека не го осудува оној што јаде, бидејќи Бог го прифатил. Кој си ти што му судиш на туѓ слуга? Пред својот господар тој стои или паѓа, а ќе стои исправено, зашто Бог има моќ да го исправи. Така некој разликува еден ден од друг, а некој друг, пак, сите денови ги смета еднакви. Секој нека биде наполно уверен во своето мислење. Оној што ги разликува деновите, ги разликува за Господ; и кој не ги разликува деновите, за Господ не ги разликува. Кој јаде, за Господ јаде, зашто Му благодари на Бога; и кој не јаде, за Господ не јаде и Го фали Бога. Зашто никој од нас не живее за себе и никој не умира за себе; туку, било да живееме или да умираме, за Господ живееме и за Господ умираме, – ние Му припаѓаме на Господ. Според тоа – живееме ли, умираме ли – Господови сме. Бидејќи Христос затоа и умре и воскресна и оживеа, за да господари и над мртвите, и над живите. А ти, зошто го осудуваш братот свој! Или ти, што го укоруваш братот свој? Зашто сите ќе застанеме пред судот Христов. Зашто е напишано: „Јас сум жив, вели Господ, зашто пред Мене ќе се свитка секое колено и секој јазик ќе Го славослови Бога.“ И така, секој од нас ќе одговара пред Бога за себе.